Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објави дека кинеската валута јуан ќе влезе во кошничката резервни валути, во која се наоѓаат американскиот долар, еврото, јапонскиот јен и фунтата.
ММФ соопшти дека јуанот ги исполнил сите постоечки критериуми и дека би требало да стане дел од кошничката во октомври 2016 година.
Тоа значи дека валутата ќе биде дел од таканаречените посебни права на влечење на ММФ, меѓународна пресметковна единица која функционира речиси како валута, а се користи за трансакции меѓу централните банки и ММФ.
Шефот на ММФ, Кристин Лагард вели се работи за многу важен момент во интеграцијата на кинеската економија во глобалниот финансиски систем.
Според неа, ова претставува признание за процесот на реформи на монетарниот и финансискиот систем што кинеските власти го спроведоа во последните неколку години.