По два часа распит пратеникот од СДСМ Александар Кирацовски рече дека дал исказ во својство на лице од кое може да се добијат потребни известувања, за многу мал сегмент од истрагата за „Рекет“. Тврди дека не бил близок пријател со Боки 13 и не посредувал за проектите за изградба на старечки домови.

-Јас не сум ниту член на Меѓународниот сојуз, ниту реално сум побарал ниту било побарано до мене да станам член ниту сум извршувал некаква функција. Тоа што сме комуницирале и се познаваме со одредени личности не не прави луѓе што направиле злодело, рече Кирацовски.

Тој рече дека денеска одговарал на прашања за еден мал сегмент од истрагата, но нема врска со Камчев, Кичеец, Јанева, со кои како што рече ниту се знае, ниту се познава, ниту сака да ги запознае.

Заедничките фотографии со првоосомничениот во случајот „Рекет“ биле на барање на Боки 13, бидејќи како што вели Кирацовски, тој е политичар и јавна личност и се познава со многу луѓе.

– Ние сме политичари. Многу луѓе бараат од нас да се сликаат. се надевам дека добар дел од нив не го злоупотребуваат тоа, меѓутоа апослутно не сметам дека во овој дел било кој од нас што се сликал со било кого направил злодело, рече Кирацовски.

Кирацовски побара  темелна и брза истрага за да не се прават, како што рече, дополнителни штети.

-Се надевам дека од денеска ќе завршат лажните вести, манипулациите, инсинуациите коишто реално според мене нанесоа одредена штета на самата истрага и на недолжни луѓе. Се надевам дека од денес ќе преовладуваат фактите и она што е вистината, рече Кирацовски.

Тој не се препознава во псевдонимот „Кики“, за кој новинарот Героски пишуваше колумни. Кажа дека имал средба со Героски на која како што рече новинарот наводно признал дека споменувањето на Кирацовски во колумните било негов „фаул“.