Собранието и политичките лидери сега треба да донесат одлука во врска со натамошните перспективи на земјата. Кога такви прашања доаѓаат во Собранието, пратениците имаат одговорност да ги стават интересите на земјата пред се друго порачува шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која во интервју за МИА.
За барањето на опозицијата да се избере нов јавен обвинител како услов за одржување на предвремени избори, што за власта значи барање на амнестија за поранешниот лидер Груевски, Која вели дека ОБСЕ континуирано ја поддржува одговорноста, вклучително и за сите наводни злоупотреби слушнати во прислушуваните разговори.
„Нашата Мисија ги следи случаите на СЈО уште од самиот почеток и продолжуваме да ги следиме тековните судења. Неодамна публикувавме преоден извештај со нашите наоди, прибележувајќи ги предизвиците и успесите на СЈО како и неколку препораки кои може да придонесат за унапредување на правниот систем. Сметам дека прашањето за одговорноста е всушност прашање за владеење на правото. Покренати се сериозни обвинувања, обвиненијата се потврдени од судовите и судењата се во тек. Обвинетите имаат право на фер судење и секако мора да се сметаат за невини пред докажувањето на вината. Верувам дека епилогот на аферата со прислушувањето треба да се напише преку правниот процес“ вели Која. Оценува и дека националниот правосуден систем се соочуваал со многу предизвици во изминативе неколку години.
„Знам дека се прават напори за зајакнување на капацитетите на правосудството. Усвојување и спроведување на реформската легислатива е неопходно, но и судството мора да се инвестира во реформските процеси. Само тогаш ќе бидеме сигурни дека ќе преовлада спроведувањето на правдата“ одговора Која за актуелната ситуација во правосудниот систем.
За слободата на медиумите констатира дека по „значителното опаѓање во слободата на медиумите во изминатата деценија“ во изминатите две години се забележува прогрес и сериозен напор од страна на органите на прогонот за истрага на новите напади врз новинарите. Некои проблеми остануваат, сепак, вклучително и основни проблеми како што се малиот медиумски пазар и лошите работни услови за новинарите.
ОБСЕ го подржува најавниот ветинг во МВР.
„Во врска со ветингот, тоа е меѓународно признат процес преку кој се обезбедува интегритетот и одговорноста на вработените во јавната администрација. Тоа е особено релевантно за полициското работење со оглед на широките овластувања кои ги имаат полициските службеници. Преку обезбедување на интегритетот на полицијата, фер и транспарентен ветинг процес може да биде од дополнителна корист за зголемување на јавната доверба во полицијата како институција“ наведува Која.
Мисијата на ОБСЕ работи и на спречување на говорот на омраза и злосторство од омраза. Која вели дека податоците од граѓанските организации укажуваат дека нетолеранцијата на етничка, политичка и верска основа е значителен проблем. Треба да се работи повеќе на деконструирање на длабоко вкоренатите стереотипи во општеството. Еден загрижувачки тренд е порастот на инцидентите од омраза извршени поради претходна политичка припадност пред, за време на, и понекогаш, после избори“.




