Клиничкиот центар “Мајка Тереза” Скопје ќе почне да се грее со гас. Гасната мрежа долга 1,5 км е готова а инвестицијата чини 48 милиони денари платени од Министерството за задравство и буџетите на клиниките.
«Завршува една ера на енормно загадување на Центарот, но и на целиот град, имајќи предвид дека во зимските денови тука во Клиничкиот центар трошевме 20 тони мазут дневно или околу 4.000 тони годишно и испуштавме во воздухот околу 100 тони сулфур диоксид годишно. Ова беше еден од главните извори на загадување на центарот, но и пошироко во градот Скопје», рече Тодоров.
Според министерот оваа инвестиција е и финансиска заштеда и заштита на здравјето на луѓето бидејќи проектот е огромен поради тоа што 100 тони сулфур имаат лошо влијание врз граѓаните на Скопје а сега на тоа му се става крај.
«Повеќе од 50 години ова беше начин на затоплување во Клиничкиот центар имајќи предвид дека му е потребна енергија не само во зимскиот период ова загадување со помала динамика се одвиваше преку целата година. Има и друг аспект, тоа е економскиот, кој мислам дека исклучително ќе биде значаен за клиниките затоа што многу ќе ги намали цените за затоплување или трошоците за загревање на објектите во Клиничкиот центар», потенцира Тодоров.
Тој му се заблагодари на тимот во Министерството за здравство кој овие месеци работел за реализација на проектот и на ГАМА изведувачот.




