„Ние и пред да започне кампањата кога го формиравме движењето „Одлучно за промени“ кажавме дека ние сме дел од парламентарното мнозинство и дека мнозинството и Владата се стабилни. И не поддржуваме одржување на предвремени парламентарни избори и формиранње ново парламентарно мнозинство што е актуелна тема сега деновиве, бидејќи на Македонија и е потреба стабилност, смета Маја Морачанин претседател на ДОМ. Истиот став го споделува и Горан Милевски од ЛДП.
Се соочуваме и со енергетска криза, сеуште трае ковид пандемијата. Она што е исклучително важно е што и двете партии и ДОМ и ЛДП се прогресивни, проевропски партии и јасни се укажувањата дека во наредниот период е многув веројатно дека ќе се отпочне процесот на преговори со ЕУ, вели Морачанин.
Мендух Тачи од ДПА, не гледа никаква причина нешто драматично да се случи.
-Сакаат да ја изместат темата, беа локални избори. Ако сакаат да зборуваат за легитимитет на Влада, оваа Влада и на овие избори има легитимитет. Апсолутно има многу повеќе гласа од опозицијата. Мислам дека ништо драматично, ништо не се случи, вели Тачи.
-Влада и опозиција на овие избори е преку 100.000, повеќе има Владата. Ако сакаат да се делиме на такви начини тогаш и гласовите ќе се делат на локални избори. Не очекувам ништо, дополни Тачи.

Како што рече Петковски, мора да се разграничи што се локални, а што парламентарни избори, ако сакаме да имаме демократска држава.

– Не може ако изгубите едни избори, да ги повторувате сите, порача Петковски.

На средбата, информира тој, се очекува да бидат договорени следните чекори, зашто „според Уставот е јасно како треба да се одвива работата по оставката што ја поднесе премиерот“.

– Прво, имавме парламентарни избори минатата година. Легитимитет за составување влада се добива на парламентарни избори. Победничката партија ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори освои 30 отсто од гласачите што излегоа на изборите, а СДСМ освои 25 проценти. Од другата страна, гледате, коалицискиот партнер ДУИ на локалните ги повтори изборните резултати, исто како што ги имаше и на парламентарните избори. Ние мора да се навикнеме што се локални, а што се парламентарни избори ако сакаме да имаме демократска држава. Не може ако изгубите едни избори да ги повторувате сите, изјави Петковски пред средбата во Владата.

НСДП, дополни тој, останува дел од парламентарното мнозинство.

– Стоиме на поддршката на парламентарно мнозинство со учество во оваа Влада и сметаме дека таа треба да продолжи. Се случија локални избори, Македонија мислам дека доби. Друго прашање е кој како тоа ќе го толкува. Завршија локалните избори и градоначалниците треба да си ги преземаат функциите, да се однесуваат одговорно и Владата да си продолжи. На средбата сега, треба да има договор за тоа како понатаму ќе се движат работите за составот на Владата, бидејќи премиерот си поднесе оставка и според Уставот паѓа целата Влада. Ние, коалициските партнери од парламентарното мнозинство, ќе разговараме за тоа како понатаму целокупната постапка ќе се одвива, бидејќи процедурата е јасна според Уставот како треба да се движи. Прашање е сега како поблиску да се дојде или до кандидат, ако останува исто парламентарно мнозинство или во меѓувреме ќе настане некое прегрупирање можеби или ново парламентарно мнозинство. Се е можно, истакна Петковски.

Овие партии имаат вкупно шест пратеници во парламентарното мнозинство кое брои 62, и тоа: двајца има НСДП Горан Мисовски и Соња Мираковска, двајца ЛДП Боби Мојсоски и Моника Зајкова, еден ДОМ Маја Морачанин и еден ДПА Мендух Тачи.