Градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Коце Трајановски, испратил честитка за Нова година до Мирослав Шиповиќ, претседавачот на Советот на општина Центар, кој веќе трет месец е во притвор.
Шипович новогодишните и божиќните празници ги минува во затворот Шутка, иако понуди во залог имот за да се брани од слобода.
-Дали ова е намерна провокација? Згрозена сум од нечовечноста на постапката на претседателот на ЗЕЛС!, реагирала неговата сопруга Дивна Шиповиќ, пренесуваат дел од медиумите.
И потпретседателот на Собранието Јани Макрадули на својот ФБ профил напиша:
-Колку е забегана и лицемерна власта ќе Ви илустрирам со уште еден пример, пример од кој јас сум згрозен, а можам да претпоставувам како се чувствува сопругата. Имено, Коце Трајановски како претседател на ЗЕЛС испратил честитка за Нова година до Мирослав Шиповиќ. Оставка е мала работа за овој нечовечки однос. Коце, што му посака на Шипо? Здравје кое го губи во нечовечките зандани испратен од твоите налогодавци? Или можеби среќа која во оваа Македонија е изгледа резервирана само за членови на ДПМНЕ? Барам оставка од Коце од претседател на ЗЕЛС под ИТНО, и јавно извинување од Коце за Шипо и неговата фамилија, напиша Макрадули на својот ФБ профил.
Синoќа пак, пред Истражниот затвор во Шутка се собраа членови и поддржувачи на СДСМ, но и други граѓани, за да изразат поддршка, но и да побараат ослободување на претседавачот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ.
Пред затворот запалија и коледарски оган и закачија транспарент на кој пишуваше „Слобода за Шиповиќ, слобода за Центар“.




