Денеска попладне, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, ќе оствари средба со градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, соопштуваат од Град Скопје.
Средбата ќе се одржи во кабинетот на градоначалникот, а по средбата ќе бидат дадени изјави за медиумите.
Пред членовите на Стопанската комора на Македонија ќе се одржи и презентација на потенцијалите на Град Солун, а предвидено е пред македонските бизнисмени да се обрати градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, а презентација ќе има и раководството на Солунското пристаниште.
Се очекува да бидат промовирани областите кои Градот Солун ги има дефинирано како можност за унапредување на билатералната соработка во иднина.
Настанот под назив „Претставување на Солун-град на бизнисот, туризмот, транспортот, образованието и европската престолнина на младите во 2014 година“, се организира на иницијатива на Економско-трговското одделение при Канцеларијата за врски на Република Грција.




