Кофа полна со измет истурила утрово пред вратата на судот во Велес револтирана жена. Инцидентот се случил во 8.30 часот кога се отвора судот за граѓаните.
Пред очите на дел од вработените 46 – годишната Марија П. ја истурила кофата со фекалии и започнала да бега, но била фатена и предадена во СВР Велес. По разговорот со неа ќе и биде поднесена кривична пријава според законот за јавна чистота.
Марија П. и претходно има предизвикано слични инциденти. Револтирана што пред една година ЕВН и` ја исклучи струјата во домот во Башино Село, таа со пила се обиде да ја исече бандерата, а со бензин ја поли и запали трафостаницата. Откако судот ја осуди условно, таа летово ја поли вратата од зградата со бензин и ја запали, по што заработи една година затвор за предизвикување општа опасност.
Од судот велат дека деновиве пресудата треба да стане правосилна со што ќе започне издржувањето на казната, а побарано е и вешатчење на психичката состојба на жената.




