Кога политиката се сведува на интриги, сојузи и лични амбиции, системот постепено влегува во состојба на ентропија. Редот се распаѓа, вредностите се разградуваат, а довербата исчезнува. Токму тука се појавува прашањето за изгубениот концепт на другарството. Во класичната социјалдемократска традиција, другарството не било само политички термин. Тоа било култура на меѓусебна лојалност, солидарност и заедничка борба за општествена правда. Денес, во време на политички прагматизам и индивидуални кариери, тој дух често се губи. А кога другарството исчезнува, ентропијата на системот се забрзува.
Жанета Ќосе
Во време на длабоки глобални трансформации, социјалдемократијата се наоѓа пред историска раскрсница. Прашањето повеќе не е дали таа има значење, туку дали има храброст да се обнови. Токму тука се наоѓа суштината на делото на Ентони Гиденс, особено во неговата книга Третиот пат: Обнова на социјалдемократијата. Неговата теза е едноставна, но радикална – светот е темелно променет од глобализацијата, технолошката револуција и новите облици на индивидуализам, а политичките идеологии кои не се прилагодуваат на таа реалност се осудени да станат историски реликти. За социјалдемократијата, обновата не е избор, туку услов за опстанок.
Гиденс го гради својот концепт на Третиот пат како надминување на две истрошени парадигми. Од една страна, старата социјалдемократија која прекумерно се потпираше на државниот апарат и ја претвори државата на благосостојба во механизам кој понекогаш создава зависност, наместо можности. Од друга страна, неолиберализмот, кој го редуцира општеството на пазарна логика и ја игнорира комплексноста на човечките односи, солидарноста и заедничкото добро. Третиот пат не е компромис меѓу овие две позиции, тој е нова синтеза која ја признава динамиката на пазарот, но истовремено ја зачувува моралната и политичката обврска за социјална правда. Социјалдемократијата, според Гиденс, мора да стане идеологија на можностите, а не само на заштитата.
Во таа смисла, редефинирањето на улогата на државата е централно. Наместо класичната држава на благосостојба, Гиденс предлага држава на социјални вложувања. Тоа значи дека најсилната социјална политика не е пасивната помош, туку активното вложување во човечкиот потенцијал. Образованието, науката, инфраструктурата и иновациите стануваат темел на социјалната правда. Во современиот свет, најголемата нееднаквост не произлегува само од распределбата на богатството, туку од распределбата на можностите. Државата која инвестира во своите граѓани не создава зависност; таа создава способност.
Но Гиденс оди подалеку од економската логика. Тој инсистира на „демократизирање на демократијата“. Во ера на недоверба кон институциите, обновата на демократијата не може да се постигне само со изборни циклуси. Потребна е транспарентност, отчетност и нови облици на учество. Државата мора повторно да го заслужи својот авторитет, а тоа е можно само преку бескомпромисна борба против корупцијата и преку отворање на политичкиот процес кон граѓаните.
Оваа визија подразбира и нов однос со граѓанското општество. Социјалдемократската визија е дека државата не треба да го заменува општеството со администрација. Напротив, таа треба да го охрабрува граѓанското учество, локалните заедници и третииот сектор. Здравото општество не се гради само од институции, туку и од култура на солидарност. Кога државата и граѓаните се партнери, се создава динамика на доверба, која што е предуслов за стабилност и развој.
Истовремено, современата социјалдемократија мора да се соочи со трите големи револуции на нашето време. Првата е глобализацијата, која не е само економски процес, туку и политички и комуникациски феномен што ги разнишува традиционалните концепти на суверенитет. Втората е трансформацијата на личниот живот, каде што новиот индивидуализам ги поттикнува луѓето да бараат самоостварување надвор од традиционалните структури. Третата е еколошката криза, која ја наметнува потребата од одржлив развој и нова етичка одговорност кон планетата.
Токму затоа Гиденс ја развива идејата за космополитска демократија. Ако проблемите се глобални, и решенијата мора да бидат глобални. Демократијата повеќе не може да остане затворена во националните граници. Таа мора да се прошири преку меѓународна соработка, зајакнати институции и нови форми на глобално управување.
За секој социјалдемократ овие принципи не се само теоретски концепти. Тие се морална и политичка обврска. Во нивната суштина се наоѓаат истите идеали што ја инспирираа Француската револуција, слобода, еднаквост и братство. Социјалдемократијата, во својата најчиста форма, е современа политичка интерпретација на тие вредности. Слободата не е привилегија на поединецот, туку услов за достоинствен живот на сите. Еднаквоста не значи униформност, туку еднакви шанси. А братството е етичката врска која го одржува општеството како заедница, а не како арена за конфликт.
Кога овие идеи се применуваат во македонскиот контекст, тие добиваат конкретна политичка димензија. За СДСМ обновата на социјалдемократијата не е само реторика, таа е стратегија. Тоа значи јасна ориентација кон држава на знаење, модерна економија заснована на иновации, силни институции и партнерство со граѓанското општество. Но исто така значи и храброст да се надминат старите политички навики, клиентелизмот и краткорочните интереси.
Во спротивно, политиката ризикува да се претвори во нешто што повеќе наликува на дворските игри од популарната серија Game of Thrones отколку на демократска борба за општото добро. Во такви услови, идеологијата исчезнува, а на нејзино место доаѓа борбата за моќ. Кога политиката се сведува на интриги, сојузи и лични амбиции, системот постепено влегува во состојба на ентропија. Редот се распаѓа, вредностите се разградуваат, а довербата исчезнува.
Токму тука се појавува прашањето за изгубениот концепт на другарството. Во класичната социјалдемократска традиција, другарството не било само политички термин. Тоа било култура на меѓусебна лојалност, солидарност и заедничка борба за општествена правда. Денес, во време на политички прагматизам и индивидуални кариери, тој дух често се губи. А кога другарството исчезнува, ентропијата на системот се забрзува.
Обновата на социјалдемократијата, како што ја замислува Гиденс, е токму обид да се запре таа ентропија. Таа не е носталгија по минатото, туку визија за иднината. Во свет на неизвесност, младите генерации имаат потреба од идеологија која нуди и слобода и сигурност, но и индивидуален развој и општествена солидарност.
Затоа, постулатите на Гиденс не се само академска расправа. Тие се можеби најреалистичниот патоказ за општествата кои сакаат да ја задржат демократската стабилност и социјалната кохезија во 21-от век. Ако социјалдемократијата успее да ја прифати таа визија, таа може повторно да стане политичка сила која инспирира.
А иднината на една држава, особено на мала и чувствителна демократија како нашата, не може да си дозволи луксуз таа да остане само историски концепт. Социјалдемократијата мора повторно да стане проект на надежта, проект кој ќе им покаже на младите дека политиката не е само борба за власт, туку борба за подобар свет. И токму во таа борба лежи вистинското значење на другарството.




