Кога Рама прави драма, тој е вест во целиот регион – вели еден истакнат албански политичар од македонскиот политички камп, осврнувајќи се на бурната недела што измина зачинета со досетките на албанскиот премиер Еди Рама кои со својот шарм и острина му дадоа белег на состанокот на лидерите од Западен Балкан со ЕУ. Така тој стана личност на неделата не само во регионот туку и во Брисел каде на оригинален начин и без заобиколување порача дека се прави неправда на Западен Балкан, а не се воздржа ниту на бугарските новинари да им викне алудирајќи на ветото кон Македонија: „Вие сте за срамота“!

Сепак за уникатна може да се смета неговата порака на прес – конференцијата во Брисел, кога сумирајќи ја разочараноста што претходно ја покажа македонскиот премиер Димитар Ковачевски, тој рече: „Мишел ни рече имаме три минути, а јас му реков можеа да бидат и 30 секунди ако го одржевте зборот, но не го одржаа“.

Македонската јавност не остана рамнодушна на пораките на Рама а расположението одеше од осуда за претставувањето на премиерот Ковачевски како „иден премиер на Западна Бугарија“ до егзалтираност од неговата вербална еквилибристика при негодување за непочнувањето на преговорите на Македонија и Албанија.

За овдешната јавност Еди Рама не е непознат но не е ни толку познат освен како лик од галеријата политичари во Албанија, а асоцијацијата за него се белите патики кои се негов заштитен знак и ги носи во секоја прилика па дури и на официјални средби со странски политичари.

Тој е роден како Едвин Рама на 4 јули 1964 година во Тирана, Албанија, и е првото од двете деца на Кристаќ и Анета Рама. Неговиот татко бил познат скулптор роден во Драч, кој бил креатор на бројни статуи за време на комунизмот во Албанија. Неговиот прадедо, исто така Кристаќ Рама, бил интелектуалец кој се залагал за албанската независност и училишта, а потекнувал од Берат, а подоцна се преселил во Драч. Други предци од неговата татковска страна потекнуваат од југоисточното село Дарде, во близина на Корча. Неговата мајка, Анета Рама (роденото Колека) (1938-2020), била лекарка родум од југозападното село Вуно.

Рама почнал да слика рано во детството. За време на неговите тинејџерски години, неговиот талент го забележале двајца влијателни албански сликари од тоа време, Еди Хила и Даниш Јукниу. Тие го охрабриле Рама понатаму да ги развива своите сликарски вештини. Тој бил и дел од кошаркарската репрезентација на Албанија. Во 1982 година се запишува на Академијата за уметности во Тирана.

По дипломирањето, Рама започнува да работи како инструктор на Академијата за уметности. Непосредно пред падот на комунизмот во Албанија, Рама неколку пати се обидел да се вклучи во почетната борба за демократија. Тој се обидел да влијае на студентските протести и да стане дел од новосоздадената Демократска партија на Албанија, но набрзо си заминал по кавгата за идеолошки прашања со Сали Бериша.

Во 1994 година, Рама се сели во Франција каде што се обидел да започне кариера како сликар. Тој и неговиот поранешен студент, Анри Сала, ги изложија своите дела во неколку уметнички галерии.

Во 1998 година, додека бил во Албанија за погребот на неговиот татко, тогашниот премиер на Албанија Фатос Нано на Рама му понудил функција во кабинетот. Подоцна истата година беше назначен за министер за култура, млади и спорт.

Како министер, Рама веднаш стана познат по својата екстраваганција на различни начини, вклучувајќи го и неговиот уникатен шарен стил на облекување. Неговите иновативни културни проекти, заедно со неговата необична облека и бунтовничкиот политички стил, му помогнаа да привлече големо ниво на поддршка.

Во октомври 2000 година, Социјалистичката партија на Албанија го поддржа Рама на изборите за градоначалник на Тирана. Кандидат на Демократската партија беше Бесник Мустафај, албански писател и дипломат. Рама освои 57 отсто од гласовите и положи заклетва како градоначалник. По преземањето на функцијата, тој презеде радикална кампања на рушење на стотици дивоградби и враќање на многу области во близина на центарот на Тирана и реката Лана во нивната почетна форма.

На 27 ноември 2002 година, тој го смени своето име скратувајќи го во Еди Рама.

Рама заработи меѓународно признание со пребојување на фасадите од советски стил. Пребојувањето му даде на градот Тирана уникатен стил, претворајќи го во туристичка атракција. На Рама му беше доделена награда за градоначалник на светот во 2004 година. Одборот за доделување ја образложи својата одлука дека „Еди Рама е човекот кој го сменил целиот град. Сега има нова Тирана, обоена, среќна, со нова и подобрена инфраструктура и културен живот“.

Како градоначалник го составил Мастер планот на градот Тирана вклучувајќи го и проектот на плоштадот Скендербег. Тој засади илјадници нови дрвја, правејќи ја Тирана многу поеколошки град. Рама ги прошири и постоечките патишта и асфалтира нови, подобрувајќи ја мобилноста.

Рама беше реизбран за градоначалник на Тирана победувајќи ги кандидатите на Демократската партија во 2003 година и во 2007 година.

Рама во 2005 година по оставката на Фатос Нано стана претседател на Социјалистичката партија. Инспириран од прогресивните политики на „Новите лабуристи“ на Тони Блер и „Трет пат“ на Ентони Гиденс, неговата политичка платформа повика на „трета опција надвор од традиционалната десница и левица“.

Во 2011 година, Рама одлучи да се кандидира за четврти мандат, но по многу перипетии тој изгуби за 81 глас од противникот Љуљзим Баша кој беше член на кабинетот на тогашниот премиер Бериша.

Во 2013 година, Социјалистичката партија на Рама ја предводеше коалицијата на партии од левиот центар до убедлива победа на парламентарните избори, поразувајќи ја централнодесничарската коалиција предводена од премиерот Сали Бериша. Неговата платформа, наречена „Преродба“ се засноваше на четири столба: европска интеграција, економска ревитализација, обновување на јавниот ред и демократизација на државните институции. Од септември 2013 година Рама ја извршува функцијата премиер на Албанија.

Рама се заложи за реструктуирање на судскиот систем во Албанија, кој беше еден од најкорумпираните и најнеефикасните судски системи во Европа во тоа време. Во 2016 година, Собранието го одобри „законот за ветинг“. Врз основа на овој закон, секој судија или обвинител кој не може да го објасни изворот на своето богатство или поранешни сомнителни пресуди ќе биде доживотно дисквалификуван. Во ноември 2016 година, Европската унија изјави дека успешното спроведување на законот за ветинг останува единствениот критериум што треба да се исполни пред да се отворат пристапните преговори.

Друга клучна реформа беше во енергетскиот сектор, оставен на работ на банкрот од претходните неуспешни напори за приватизација. Неговата влада успешно спроведе плаќање на милијарди неплатени сметки и многу инвестираше во модернизацијата на застарената дистрибутивна мрежа за електрична енергија. Други важни реформи вклучуваат административна реформа, реформа на социјалната заштита и пензискиот систем и реформата во високото образование.

На меѓународен план, Рама води политика на историско помирување меѓу Албанците и Србите и неговата посета на Белград во 2014 година беше прва посета на албански премиер во Србија по повеќе од 70 години. Во втората посета, за време на Економскиот форум во Ниш, Рама го спореди албанскиот и српскиот процес на помирување со историското помирување меѓу Французите и Германците по Втората светска војна. Рама е и клучен поддржувач на Берлинскиот процес, меѓувладина платформа за соработка меѓу Европската унија и земјите од Западен Балкан и еден од иницијаторите за Отворен Балкан – група во која членуваат Македонија, Србија и Албанија.

Рама и синоќа остана доследен на критиката кон ЕУ, со нему својствена порака од Конгресот на Светската федерација во кревање на тегови што се одржува во Тирана. „Овој свет ни дојде преку глава со граници, со затворени врати, со визи, со сертификати“, изјави на отворањето.

„Не сум сигурен дека сум политичар. Би рекол дека се уште сум уметник кој се обидува да ја користи политиката како инструмент за промени“, порача Рама во една прилика.

И во право е, но повеќе му стои обратното дека не е уметник кој црта цртежи во сите бои туку е политичар со изразена колоритна реторика.

 (С.К.)