Константин и Методиј се браќа родени и пораснати во Солун. Потекнуваат од угледно солунско семејство. Нивни родители биле Лав и Марија. Методиј е роден во 826 год. Се школувал во специјални училишта за стекнување на воени вештини и за извршување на високи државни функции. Поради стекнатото знаење и способностите кои ги поседувал, Методиј на 20 годишна возраст, од визнтискиот двор добил чин Војвода. Тој како војвода во 845 година бил испратен да биде управник на Словенското кнежевство во Македонија, кое се простирало во Струмичко – брегалничкиот регион. Задача на Методиј била да ја осигура поддршката на месното население во борбата против бугарските напади на таа територија.

Константин, познат под монашкото име Кирил, бил роден во 827 год. Се школувал во солунските училишта во кои оделе само децата од поимотните семејства. Како најдобар ученик, рано се школувал на Цариградскиот универзитет (Магнаурската школа). Таму изучувал повеќе науки и повеќе јазици. По завршувањето на студиите Константин станал професор по филозофија во универзитетот во кој и самиот учел претходно. Како вреден и образован стекнал голема доверба на византискиот двор.

 Мисиите на Кирил и Методиј

Прва мисија на Константин била мисијата кај Сарацените во Багдад. Со оглед на тоа што го познавал арапскиот јазик и Коранот, бил испратен од византискиот император Михаил III во дипломатска помирителна мисија кај Сарацените. Мисијата била во периодот (851 -856 год). Во оваа прва своја дипломатска мисија Константин успеал да ослободи извесен број (околу 1000) византиски заробеници кои ги вратил во Византија.

Потоа бил испратен да му помогне на својот брат во Словенското кнежевство во Македонија, што се смета за т.н. Брегалничка мисија. Доаѓајќи во брегалничко,  според легендата, Константин покрстил 54.000 словени. Таму Константин ги воочил проблемите со кои се соочуваат словените со немањето на своја азбука и неможноста да се употребува грчкото унцијално писмо и латничното писмо за запишување на специфичните словенски гласови.

Во 860 год – Константин е испратен од Византија кај Хазарите на Кримскиот полуостров на брегот на Црно море. Тие немале официјална религија. Кај хазарското население имало Евреи, Муслимани, Христијани и пагани (многубошци). Задача на Константин во оваа дипломатска и верска мисија во Хазарскиот каганат била да го прошири христијанството на оваа територија и да ослободи византиски затвореници. Тој со себе го понел и својот брат Методиј.

Во оваа мисија на Крим тие ги откриле моштите на Папата Климент I (Римски) и со верски почести ги положиле во црквата Св. Димитрија во градот Херсон. Константин напишал и „Пофално слово“  и химна за папата Климент. Дел од моштите Константин понел со себе.

По успешната мисија кај Хазарите, Константин бил испратен во нова мисија кај Аланите, во градот Фула, на источниот брег на Црно море. И оваа мисија успешно ја завршил покрстувајќи голем број пагани.

Во 863 год. моравскиот кнез Ростислав побарал од Византискиот император Михаил III да му испрати мисионери за заштита од влијанието на германското свештенство и германските мисионери. Византискиот император на мисија во Велика Моравија ги испратил Константин и Методиј. Специјално за претстојната мисија, браќата создале посебна азбука според јазикот кој го зборувале Словените, составена од 38 букви. Оваа азбука е наречена е глаголица. Превеле дел од Библијата на словенски јазик и неколку богослужбени книги на словенски и заминале во Велика Моравија. Нивната дејност наишла на силен отпор кај германските свештеници кои жестоко се бореле против воведувањето на словенскиот јазик во богослужбата и против глаголското писмо.

Веста за мисионерите во Моравија стигнала и до Папата Никола I, па двајцата браќа тргнале кон Рим, на средба со Папата.

За делото и големината на браќата Константин и Методиј, дознал и кнезот Коцел од Панонија, кој ги повикал браќата да им помогнат на панонските Словени против германизацијата. Константин и Методија останале во Панонија шест месеци и во тој период го ширеле христијанството и писменоста кај тамошното население.

Од таму преку Венеција, отпатувале во Рим.

Во Рим браќата биле примени од Папата Адријан II затоа што Никола I штотуку починал. Нему му ги предале моштите од папата Климент I. Поради мудроста и пожртвуваноста на Константин и Методиј, поради нивната мисија за ширење на Христијанството и поради честа која му ја направиле на починатиот папа Климент I, Адријан II, го назначил Константин за свештеник, а неговите ученици за презвитери и ѓакони. На Константин му било дозволено да изведе богослужба на словенски јазик, црковните книги кои биле преведени на словенски јазик и писмо биле оставени во еден од римските храмови, а преводот на Библијата бил осветен од Папата кој дозволил во Велика Моравија и Панонија да се богослужбува на словенски јазик.

Во Рим, Константин тешко се разболел. Се замонашил во февруари 869 година и по педесетина дена починал. Непосредно пред смртта го примил монашкото име Кирил. Неговото тело со високи верски почести било положено во црквата „Св. Климент“ во Рим каде што се наоѓа до денешни дни.

Методиј, со од Папата добиениот архиепископски чин се вратил во Велика Моравија за да продолжи со мисијата. Заедно со своите ученици, дејноста ја вршел со големи тешкотии поради силниот притисок од германското духовенство, се до смртта во 885 година. (Р.Н.)