Саша Богдановиќ од СДСМ, Дејан Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ и Александар Митров од Левица се тројцата кандидати кои ќе се борат за градоначалничката фотелја на Општина Центар на изборите што ќе се одржат во недела.

Овие кандидати се едни од ретките кои сите тројца се наоѓаат на дебати.

Тие на граѓаните им ветуваат поголема транспарентност на општината, вклучување на граѓаните во сите одлуки, почист воздух, повеќе слободен простор за пешаци, училишта и градинки.

Име и презиме: Саша Богдановиќ

Платформа: СДСМ

Саша Богдановиќ е кандидат на СДСМ за срцето на Скопје. За општината за која на претходните избори во 2013 година се биеше најголема битка меѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Тодоровиќ, и кандидатот на ЛДП, Андреј Жерновски. Градоначалникот беше избран дури по три круга гласање, а гласањето помина со многу нерегуларности и со стотици уфрлени гласачи од Пустец.

Битката за Центар, беше битка за проектот Скопје 2014 чиј идеен творец е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за кој за згради, споменици и фонтани се потрошени околу 700 милиони евра.

Саша Богдановиќ ветува дека ако биде избран за градоначалник, ќе направи детална  ревизија на „Скопје 2014“ и ќе ја објави целата документација за  проектот.

„Галиите, шмизлите, Прометеј и целиот криминален и налудничав проект „Скопје 2014“ ја одзема душата и убавината на централното градско подрачје. Се украдоа милионски суми од граѓаните за барок и стиропор. Затоа ќе направиме детална и функционална ревизија со надлежните институции како на целиот проект, особено на тоа како брутално се спроведувале тендерите и набавките и деталните  урбанистички планови што овозможија „Скопје 2014“ да биде најпознат архитектонски феномен во регионот, се разбира по лошо“, вели Богдановиќ.

Богдановиќ е единствениот од сите кандидати на овие избори кој има оригинална акција во предизборната кампања наречена – „Сакам борче“. На неговата интернет страница за изборите, постои можност на соседот или пријателот од општина Центар, да му нарачате бор кој сопартијците од неговиот изборен штаб го доставува на домашната адреса, а целта е да се зголеми зеленилото во оваа скопска општина.

Богдановиќ доколку биде избран за градоначалник на Центар, ветува дека ќе ги запре неконтролираните градежни активности, ќе направи ревизија на сите постоечки детални урбанистички планови и ќе гради по план, со цел да ја запре градежната мафија.

Саша Богдановиќ е член на СДСМ уште како средношколец во 2001 година, а во 2014 ја добива претседателската функција на Општинската Организација на СДСМ во Центар.

Тој освен што е посветен на партијата, останува верен поддржувач на кошаркарскиот клуб Работнички. Речиси не пропушта натпревар на овој скопски клуб, а по едно дерби меѓу Работнички и МЗТ, тој беше приведен од полицијата и му беше поднесена кривична пријава за попречување во нивната работа.

Богдановиќ е роден во 1985 година во Постојна, Словенија. Дипломирал политички науки на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. А, во моментов е директор на ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Тој е активен граѓански активист кој организирал многубројни хуманитарни акции и е еден од градоначалниците кои се залага за заштита и хуман третман на бездомните животни.

Име и презиме: Дејан Јовановски

Платформа: ВМРО-ДПМНЕ

Кошаркарот Дејан Јовановски е изборот на ВМРО-ДПМНЕ за кандидат за градоначалник на општина Центар. Од сите „истурени“ првотимци, партијата на Груевски се одлучи за спортски играч кој на политичкиот терен е дебитант. Јовановски зад себе нема никаква политичка кариера, а во раководството на партијата на Груевски влезе на 29 јули годинава кога беше избран за член на Извршниот Комитет. Претходно, целата кариера ја мина на спортските терени, а подоцна и на клупата.

Јовановски е дипломиран правник, кој е роден и израснат во Центар и вели дека за оваа општина го врзуваат многу спомени. Кандидатурата ја прифатил зошто сака да ја врати функционалноста на Општината и таа да биде вистински сервис на граѓаните, отворена и достапна за секого.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на центарци им ветува релаксирање на сообраќајот, изградба на пет нови монтажни гаражи, воведување на нови пешачки зони и патеки, здрава животна средина и многу други проекти со кои сака Центар да го направи пријатно место за живеење и работење.

Но, за разлика од неговиот против кандидат од СДСМ, Саша Богдановиќ, Дејан Јовановски ниту еднаш во кампањата го нема споменато проектот Скопје 2014 или урбаната мафија во општината.

„Ќе ги реконструираме постоечките и ќе изградиме нови паркови, зелени површини и блоковското зеленило. Предвидуваме воведување на гасификација на Општина Центар, во соработка со Владата на Р.М и градот Скопје, при што ќе се овозможи користење на еколошки чист енергенс кој дополнително не ја загадува животната средина, а ќе влијае врз пониски трошоци за корисниците“, ветува Јовановски.

Тој најави дека како дете на Работнички ќе го подржи клубот од секој аспект, вклучително и реконструкција и модернизирање на салата  Градски парк.

Јовановски за изборите добива поддршка од неговите поранешни соиграчи од целиот свет, како Ури Коен Минц, израелски репрезентативец, Мактар Н’Даије НБА играч од Сенегал, Кори Краудер – поранешен НБА играч.

Ури Коен Минц за Јовановски вели дека тој кога бил кошаркар бил целосно посветен на тимот, напорно работел секој ден и давал 100 проценти од себе.

„Знаеше што да прави за да стигне до врвот“, вели израелскиот кошаркар во видео пораката за Јовановски.

Дејан Јовановски кошаркарската кариера ја почнал во Работнички, а има играно уште и за екипите на Никол Ферт, Ојак Рено (Турција), Лугано (Швајцарија), Перистери (Грција) како и за француските Роан и Шалон.

Тој беше дел од националниот тим на Македонија, кој во 1999 година во Франција за првпат настапи на едно Европско првенство. Во својата биографија има запишано неколку шампионски титули и пехари.

Пред неколку години, Јовановски извесен период мина во улогата на спортски директор на тимот од „Градски парк“. Во мај 2016 Јовановски бил назначен за генерален секретар на Македонската Кошаркарска Федерација, но по неполн месец се повлече од позицијата.

Александар Митров

Платформа: Левица

Александар Митров е кандидатот за градоначалник на Општина Центар од партијата Левица. Тој за себе вели дека „се пробал“ во различни професии и дека поради тоа има многу искуство и во комуникацијата со луѓе.

Порано работел како продавач на чевли, стажирал во Министерството за надворешни работи, работел во невладини организации за заштита на работничките права и во финансискиот сектор. Сега работи како туристички водич, а навечер држи часови по аргентинско танго.

„Мислам дека тоа што сум имал различни професии и сум работел во различни области многу влијаело за тоа како ќе се оформи мојот карактер и каков човек ќе бидам. Сум видел многу луѓе како живеат и мислам дека поради тоа имам способност да ги разберам различните ситуации со кои се соочуваат“, вели Митров.

Прв пат во политика влегол во 2008 година, но вели дека тоа повеќе било активистички. Митров беше и еден од организаторите на протестите за Мартин Нешковски во 2011 година.

Тој вели дека најдоброто нешто што го нуди на жителите на Општина Центар е тоа што им се нуди себе. Затоа што вели дека ќе работи посветено и за доброто на центарци. Како градоначалник ќе работи на тоа општината да биде отворена за граѓаните и за нивните проблеми.

„Граѓаните мора да партиципираат во работата на општината. Ќе направиме совети од граѓани кои ќе се занимаваат со месните проблеми. Што е најважно ќе ја отвориме општината за граѓаните, општината ќе биде транспарентна. Сите детални планови што ќе се носат ќе бидат на увид на сите граѓани, тие навреме ќе бидат информирани за се што ќе се случува“, вели Митров.

Тој најавува дека ќе се стопираат сите детални урбанистички планови и ќе се направи мала ревизија на постоечките дупови и доколку се пронајдат незаконски работи, не исклучува и уривање на некои објекти.

Митров вели дека во план е да се најде начин да се активираат гаражите за паркирање под Градски ѕид затоа што тоа е најбезболно за да не се оптоварува јавниот простор. Исто така, најавува дека ќе ги стимулира граѓаните да започнуваат слободни професии, како занаетчиство и уметност кои ќе бидат ослободени од големите компании.