пишува Нано Ружин   Пред неколку месеци во Франција започна големиот политички карневал-кампањата на дванаесетте кандидати за нов претседател на Франција. Првиот круг ќе се одржи утре (10 април) а по две недели и конечниот двобој помеѓу двајцата финалисти. Првата дилема е дали 48,7 милионското гласачко тело ќе ги надмине неславните предвидувања на анкетите дека тоа ќе бидат избори со највисока стапка на апстиненти, речиси 30% односно околу 15 милиони Французи нема да излезат на биралиштата. Втората дилема е дали Емануел Макрон, човекот со империјален карактер, како што го нарекоа аналитичарите, и за кого во првиот круг ќе гласаат 26,5%,  повторно ќе биде избран за претседател на 24 април? Третата дилема е дали идниот претседател на Хексагоналата ке биде првата жена-претседател на Франција Мари Ле Пен за која утре ќе гласаат 23%?  Според сондажите, на трето место со извонредни 17% доверба е пласиран Жак-Лук Меланшон, левичарскиот популист со најуспешна кампања  која му овозможи да напредува за девет проценти. Следат Ерик Земур, кој се истакна со анти-исламската кампања (10%) и Валери Пекрез(9%), наследничката на претседателот Саркози инаку умерен конзервативец кој по достигнувањето на 16% доверба падна под десет проценти.  Останатите седум кандидати пред првиот круг на изборите поседуваат меѓу 2 до 6% од гласачкото тело на Франција.

Малиот одзив на бирачите во Франција се должи на неизвесноста на двегодишната санитарна криза и хипер-електронската комуникација посветена на украинската криза. Француската публика никогаш не била толку интензивно „бомбардирана“ поради еден геополитички настан што е и разбирливо заради неговата разорност и економски, социјални, емотивни до нуклерани предизвици. Од друга страна  монотоната претседателска кампањата како да ги подбутнат Французите во некој пролетен сон, слично како во 2002 кога тогашниот лидера на Социјалистите Лионел Жоспен не успеа да се пробие во вториот круг. Во 2002 стапката на апстиненција достигна рекордни 28,4% што ја искористија радикалниот десничар Жан Мари Ле Пен, инаку татко на актуелната кандидатка Марин Ле Пен и амблематичниот конзервативец Жак Ширак. Само благодарение на високата политичка култура на Французите и на широката „анти-Ле Пен кампања“ меѓу двата круга,  мнозинството Французи вклучувајки ги левичарите, гласаа за умерениот Ширак. Жан Мари Ле Пен, од кого се дистанцира и неговата ќерка Марин, не беше избран за претседател на Петтата Република а Франција ги стабилизира духовите. Тогашниот сатиричен лист „Окованата патка“ објави карикатура каде францускиот квислинг на Хитлер,  Петен беше прикажан во ликот на Жан-Мари Ле Пен како гласно размислува „ штета за малку повторно ке бев прв човек на Франција“. Во Франција изгледа дека смалениот број на гласачи повеќе им одговара на радикалните десничарски партии, чие бирачко тело како да има повеќе енергија, солидарност и решителност за да го промовира својот кандидат.

Сите против Макрон

На почетокот на кампањата, сондажите ја истакнуваа големата надмоќ и сигурниот реизбор на претседателот Макрон чија популарност достигнуваше околу 36% што претставуваше  огромна стапка на популарност. Макрон имаше два големи пропусти за кои Французите делумно го обвинија. Првата беше  аферата со консултанската фирма МкКинси против која националното финансиско обвинителство отвори прелиминарна истрага за даночно затајување меѓу 2011 и 2020. Експертите за таквите пропусти ја обвинуваат државата која дозволила МкКинси да не плаќа корпоративен данок за просечните 300 милинои евра годишно, цели девет години. Овие забелешки дирекно се товарат на главата на Макрон. Втората слабост на Макрон е неговата отсутност или „потценувањето“ на домашната кампања. Навистина по инвазијата на Украина, тој постојано беше присутен во медиумите но повеќе како претседател кој „се грижи за мирот“, кој „комуницира со Путин“, кој настојува да ги спаси украинските бегалци, и тоа го сметаше како дел од неговата кампања. Настојуваше да се потврди како водечки политичар на ЕУ, со јупитерови амбиции во одсуство на Меркел и Џонсон.„Ако не јас –кој? Беше неговиот интимрн слоган“.  Отсуството од дебатите за претседателските избори, за клучните национални прашања како што се животниот стандард, социјалните програми и шеми, безбедноста на граѓаните, здраството, лимитот за заминување во пензија кои се од голем интерес за обичниот Француз, создадо негативен ефект кај бирачкото тело. Тој не успеа ниту со Украина ниту им се посвети на  Французите, обвинуваат политичките критичари. Неговиот најсериозен ривал Марин Ле Пен критикувајки ги интервјуата на Макрон од „удобните бироа“ наместо да се појавува на митинзите иронизира: Во вториот круг ве молам наместо овие досадни и статични интервјуа на претседателот дадете некоја секвенца од моите митинзи за да ја почуствувате вистинска Франција. И социјалистот Ан Идалго смета дека „местото на кандидатот Макрон е да дебатира со кандидатите, а неговата десничарска ориентација одамна ги заборави некогашните левичарски колеги (беше министер во владата на социјалистот Оланд) и затоа левицата не би требало да гласа за Макрон. Патем „јас сум единствен кандидат кој потекнува од рабитничка средина“, додаде хиспанофонката која е градоначаник на Париз но која ја подржуваат само 2% од Французите. Кон критиките на Макрон застана и Валери Пекрез која смета дека „Макрон е претседател кој и попушта на улицата…ете на Корзика се случи улица а тој побрза да им даде автономија..“ Макрон е „претседателот без идеи“ и со „лоши плагијати“.  Десницата единствено може да се обедини околу мене, им порача Пекрез на симпатизерите на умерената десничарска ориентација на Франција. Кандидатот на екологистите Јаник Жадот кој во дебатите е многу резервиран  единствено им порача на избирачите на левицата чиј кандидат е Ан Идалго  да му дадат „корисен глас“ за да ги реализира еколошките проекти.

Слично на останатите избори, некои од кандидатите, особено од помалите партии излегоа со претерано големи буџети за реализација на нивните проекти. Анализирајки го социјалниот буџет на Марин Ле Пен, актуелниот претседател Макрон ја обвини ривалката дека манипулиора со „ лажна социјална програма“. Од своја страна Ле Пен го квалификува Макрон како „грогиран боксер“. Еден од аутсајдерите Филип Путу кој се представува како кандидат на работничката класа на Франција иронизира за „извонредната кампања со богата дебата и претседателот кој никој не го чу да каже што направил за изминатите пет години“.

Во дебатите големи критики претрпе и политичкиот систем на Петтата република воспоставен од страна на Генерал Де Гол, кој на претседателот на државата му овозможува широки ингеренции и авторитарни позиции. Марин Ле Пен, Ан Идалго, Јаник Жадо, Жан Ласал, Никола Дупон-Ењан, Ж.Л.Меланшон пледираат за уставни реформи и за поголемо учество на граѓаните во политиката преку народни и граѓански иницијативи, реферндуми, смалување на бројот на пратеници , а некои се за целосно укинување на Петтата Република. За сметка на нив, Никола Дупон-Ењан смета дека Франција треба уште посилно да се варти кон корените на Петтата Република.

Марин Ле Пен излезе од сенката на исламофобот Ерик Земур

      Марин Ле Пен најсериозниот против кандидат на Макрон во својата „претседателска програма“ која смета дека е „кредибилна“ и „урамнотежена“ ја афирмира „буџетската траекторија“ без хипотези за развој, базирана врз еден „суверен фонд“ кој ке се каратеризира  „ со финансии од приватни а не од јавни фондови и финансирања“. Ле Пен предлага „Французите кои ќе сакаат да станат акционери во куќата наречена Франција ќе бенифицираат од каматна стапка од 2%“. Таа планира да заштеди 16 милијарди евра со своите мерки кон емиграцијата, 15 милиони од разни измами, 8 милиони од функционирањето на државните агенции, преку 10% од  економизирањето, 5 милиони од придонесите кон ЕУ и сл.. Во доемнот на потрошувачката предлага да се смали ДДВ од 20% на 5,5% за горивата, струјата и природниот гас, смалување или укинување на ДДВ за десет основни продукти, укинување на социјалните алокации за мигрантите кои се помалку од 5 години во Франција..

        Во однос на животниот стандард 74% од Французите сметаат дека се влошила куповната моќ на населението. Според мерењата на Франсинфо, Макрон и Мари Ле Пен се во најповолни позиции да ја подобрат куповната моќ на Французите, но дури 63% од испитаниците сметале дека од политиката на Макрон најмногу профитирале најпривилегираните слоеви во државата. Французите најмногу се загрижени за цената на енергенсите (65%), и инфлацијата (55%) а дури 84% стравуваат од новите цени на енергијата, бензинот (79%) и консумацијата на храна (70%)

       Кога отпочна кампањата, аналитичарите беа изненадени и вознемирени од огормниот скок на популарноста на Ерик Земур кој достогигна 16% со тенденција на натамошно покачување. Ерик Земур ја користеше својата надпросечна интелигенција, извонредната комуникативност но и многу лажни вести како онаа дека 55% од вон-европските странци во Франција биле работно неактивни и користеле социјални бенефиции. Според Евростат во Франција живеат 2 227 600 родени вон зоната на ЕУ и нивната стапка на неактивност вклучувајки и пензионери или инвалиди достига 38%. Кога популарноста на Земур почна да опаѓа, неговите симпатизери се свртеа кон Марин Ле Пен. „Жалам што Ерик Земур се кандидира бидејки неговите 10% го поделија моето бирачко тело..но се надевам декла во вториот круг ќе бидеме заедно.Популарноста на Марин Лер Пен е во постојан пораст. Нејззината популарност просечно растеше за 3% неделно. Евоцирјаки ја изборната 2017, пред една недела 63% од тогашните гласови потврдиле дека повторно ке гласаат за Ле Пен а веќе денес тој процент се качи на 73%. 

Избирниот фолклор на сондажите и слогани на кандидатите

Денес сондажите и слоганите играат значајна улога во изборната кампања и влијаат врз одлуките на избирачите. Помина половина век од првиоте мерења на јавното  мислење во Франција  но трендот на сондирањето на расположението на гласачите е во постојан пораст. Тоа е случај и со овие избори. Врз популарноста на сондажите влијаат од една страна веб-сајтовите и информативникте канали кои постојано имаа потреба од хранењето на нивните содржини но воедно сондажите  овозможуваат да се активираат големите пред-изборни тенденции. За половина век постоење мерењата на јавното мислење се умножија за 40 пати.Од претседателските избори во 1965 кога биле направени 14 сондажи, на последните претседателски избори во 2017 таа бројка се искачила на 560. Меѓутоа сите кандиодати не се позитивно расположени кон мерењето на јавното мислење. Жан Ласал кој едвај достига 1,2% смета дека „кон институцијата сондажи треба да се биде исклучително внимателен. Иако најголемиот дле од јавното мислење на  Франција на прашањето :„ со кој кандидат би испиле чаша пиво и скара?“ , дури 39% се изјаниле позитивно за Ласал. Слично мислење има и Ан Идалго која  настојува да „ги демантира парцијалните сондажи и нивните коментари“. Валери Пекрез која во последната недела загуби пет поени смета дека „сондажите се случуваат и поминуваат, како опашката на кучето кое се вврти во круг“.

Дали една друга алхемија, како што се слоганите и нивните плакати можат повеќе  да им помогнат на кандидатите? Интересно е дека дванасетете кандидати излегоа со многу интересни слогани и фотошопирани плакати за да ги потсетат Французите на нивните физиономии и програми. Така Натали Арто која го претсавува Блокот на рабитниците на плакатот е свртена кон лево, што е протолкувано дека „ гледа кон левицата“ инаку надмината и застарена идеологија во Франција. Меѓутоа вестминстерската гардероба е успешно вклопена во нејзиниот плакат со слоганот„ Кампот на работниците“. Фабиен Русел на плактот делува како ТВ-водител, фотошопиран со засветлени очи и повеќе ја истакнува својата личност отколку конзервативната идеја. Неговиот слоган е „Франција на среќни денови“ што асоцира на носталгија. Претседателот Макрон има најефикасен и професионално најдобар плакат со слоганот „ Со Вас“. Тој е облечен во син костум (француска сина) со неутрална физиономија, со независен поглед, јупитерската димензија не се чуствува, а во позадината има неколку силутеи кои симболизираат дека е народен човек. Марин Ле Пен исто така поседува извонреден плакат со слоганот : „Марин Претседател-жена“ во горниот дел на плакатот а во долниот дел уште еден слоган „Жена-Претседател-Прва жена Претседател„. Физиономијата е така пласирана и фотошопирана да се покаже дека е блиска до Французите, но неможе да се сокрие импресијата на нејзината затвореност. Воедно и на овој плакат се гледа амбицијата да се отргне од сенката на татак си. И кај Ле Пен доминира париско-сината боја. Слоганот на  Ерик Земур е „ За  Франција да остане Франција“, тој е строг кон странците, од плакатот блика сериозноста и авторитетот како и пораката: Гласајте за мене за да ги спасам корените на Франција“. Жан Лук Меланшон е досега најголемото изненадување на изборната кампања. Неговиот слоган е „Еден друг свет е можен“ со кој сака да покаже дека „навистина сака промени во Франција но со мирни методи“. Тој впечаток го оддава и неговата смекната физиономија и фотошопираното лице. Социјалистот Ан Идалго оди со слоганот „Заедно да ја промениме иднината“испишан со црвени социјалистички букви, но и од поставеноста на нејзината физиономија се гледа дека малку верува во успехот. Валери Пекрез, нема лого на партијата од која излегоа најпознатите фарнцуски десничарски политичари, ја истакнува исклучиво сопствената личност со слоганот “ Да се направи храбро“, но нејзиниот поглед е без оптимизам и е тажен. Кандидатит Филип Путу настапува со слоганот „ Ургентен Антикапитализам“ на главата носи капа што е симбол на работничката класа, опуштен но и брутален.Никола Дупон-Ењан настапува со слоганот „Одберете слобода“, но заднината на неговиот плакат е апокалиптичен, позицијата на телото е губитничка истио како и неговата песимистичка физиономија. Екологистот Жадо на плакатит е свртен кон десно што е симбиол на иднината, и а слоганот асоцира на мачна иднина „Не чекаат тешки денови“ .

Во Франција како и во секоја демократска држава од четвртокот во 24 часот завладеа изборниот молк. И покрај одредени критки како и секогаш политичката култура на Французите  не им дозволува „црна кампања“, „серија на лажни вести“, „плукања“ навредикако што се „криминалци“, „лажговци“, и слично што ние редовно го доживуваме на домашните избори. Дури во реалниот живот овие епитети и да се точни, владее одредена политичка деонотлогија и етика која претпоставува достоинствен однос кон сопствениот политички противник. Во спротивно, освен  од спротивниот политички блок, вулгарностите ќе бидат осудени и од сопствената партија и пред се од страна на  јавното мислење. Сите ќе станат  против оној што ги лансира навредите и омаложувањата на политичкиот ривал.  Можеби и според овие критериуми би требало да се ориентираме во проценките „колку сме далеку од Европа“!