Нерешителноста на меѓународната заедница е причина што Македонија се’ уште не е членка на ЕУ и НАТО, оценува старо-новиот претседател на Германско-македонското друштво во Берлин, социјалдемократот Валтер Колбо.

– Тоа што се’ уште не е членка на ЕУ и НАТО знаеме дека не е вина на Македонија, туку на нерешителноста на меѓународната заедница и прашање е до кога ќе биде така?! Но, кризната ситуација во Парламентот од 24 декември не смее да биде алиби! Јас би кажал дека она што се случи не беше лицето на вистинската Македонија. Тоа беше грешка на сите учесници во инцидентот и не смее да се дозволи поради тоа земјата да остане изолирана од европските процеси, коментира Колбо во интервју за Дојче Веле.

Тој додава дека во изминативе 15 години многу работи се промениле и Македонија покажува дека е кадарна за членство во ЕУ и НАТО, а Германско-македонското друштво со своето лобирање може да помогне да се совладаат пречките кои се на европскиот пат на Македонија.

– Секој член на Германско-македонското друштво е лобист за Македонија. Ова треба уште повеќе да се засили за да се помогне да се совладаат пречките кои се на европскиот пат на Македонија. Би кажал дека германската политика и општество се занимаваат и следат што се случува и со една мала земја каква што е Македонија, но која има големо значење за целиот регион на Западниот Балкан, објаснува Колбо.