Една од најмаркантните и најстамените фигури на современата македонска поезија, човек со фасцинантна уметничка ерудиција кој зад себе остави грандиозно дело, раскошна дарба и талент што од него направија величина која ги надмина границите на нашата земја, истакна претседателот на МАНУ Таки Фити на комеморацијата за академик Матеја Матевски што ја организираа Македонската академија на науките и уметностите и Факултетот за драмски уметности, пренесе МИА.
„Тој беше човек-епоха во македонската поезија. Но не беше само вонсериски поет и интелектуалец, академик и општественик, туку и благороден човек со големо срце, со интелектуална мудрост, промисленост, смиреност и толерантност што фасцинираше. Со импозантниот број престижни национални и меѓународни награди и неговото членство во десет странски академии и научни друштва, академик Матевски беше и ќе остане гордост на својата земја, на МАНУ, на неговото семејство, пријателите и почитувачите, рече претседателот на МАНУ.
Академик Влада Урошевиќ рече дека Матевски е автор на импресивен поетски опус заокружен со 24-тата стохизбирка „Темни деноноќија“ објавена минатата година. Тој е најпреведен македонски поет – со препеви на повеќе од 20 јазици, а и самиот преведувач од осум јазици меѓу кои, рече Урошевиќ, ингениозни му се препевите од шпанската поезија.
– Последните години ги помина врзан за постела, но сепак успеваше последните сили да ги чува за да пишува и пишуваше до последен здив, останувајќи им верен на своите идеали на младоста… Тој е поет кој направи огромен исчекор во осовременувањето на македонскиот поетски јазик, во изострувањето на неговиот сензибилитет, во откривањето на неговите скриени можности, рече Урошевиќ.
Исклучителен миг на македонската литература тој ја нарече појавата на три песни од „Дождови“ во списанието „Млада литература“ во 1955 година.
Професорката од ФДУ Јелена Лужина рече дека педагогијата за Матевски не била професија, туку мисија, нарекувајќи го активист по раѓање и, како што рече, човек од денес веќе изумрената сорта луѓе со крстот на чело, на кои приоритетот секогаш им бил јавниот интерес и општото добро.
Во МАНУ денеска беше отворена и книга на жалост за смртта на академик Матеја Матевски (13 март 1929 – 6 јуни 2018). Претседателот на Академијата Таки Фити соопшти дека од вчера пристигнуваат голем број телеграми со сочувство, меѓу кои и од претседателот и премиерот на државата.






