Комисијата за антидискриминација одлучувала селективно по претставките кои биле поднесени од граѓани или невладини организации – покажува Извештајот за имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација 2011-2018 на Мрежата за заштита од дискриминација.
За некои преставки се одлучувало експедитивно – како што беше примерот со Груевски, а за други се чекало да застарат. Селективност има и во одлуките – членовите не гледале дискриминација кога пратеници или медиуми кои беа подржувачи на претходната власт биле пријавувани за ширење на говор на омраза.
Најиндикативен случај што ја одбележа 2018 година, како што е наведено во извештајот, е случајот на дискриминација врз поранешниот премиер Никола Груевски од страна на Основниот суд Скопје 1 и судијката Добрила Кацарска во предметот „Тенк“, кога Комисијата постапила брзо и пред законскиот рок..
„Со ваквото мислење на Комисијата целосно се доведува во прашања кредибилноста за вршењето на мандатот на ова институција. Комисијата не само што утврди дискриминација без да ја образложи дискриминаторската основа (личен и семеен статус) и ја закажа седницата надвор од воспоставената практика туку на претставката на поранешниот премиер ѝ даде предност пред другите претставки за кои законскиот рок од три месеци е одамна истечен“ пишува во Извештајот.
Членките на Мрежата за заштита од дискриминација во изминатите три години доставиле 19 претставки и Комисјата се уште не постапила по нив иако поминало и повеќе од една година.
За нив е сиптоматична одлуката на Комисијата која не утврдила прекршување на правата на геј момче кое пријавило дека било навредувано и психичко вознемирувано од страна на психолог во ЈЗУ Поликлиника „Букурешт“. И покрај наводите во пријавата дека на момчето му биле прекршени низа законски гарантирани права и претрпел дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и здравствената состојба, Комисијата заклучила дека „нема дискриминација, бидејќи во
претставката нема докази кои ја потврдуваат веродостојноста на разговорот со вознемирувања врз дискриминаторска основа“. Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, товарот на докажување се префрла на страната на потенцијалниот сторител, но очигледно Комисијата не го применила ова правило и арбитрарно одлучила да не ги уважи наводите на пациентот – пишува во Извештајот на Мрежата за антидиксриминација.
Изминативе две години, Комисијата воопшто не реагирала или ги отфрлала и преставките кои биле поднесени за ширење на говор на омраза против весникот „Вечер“ и порталите „Курир“, „Инфомакс“ и „Пулс24’. Во веста од анонимен автор а со наслов „Македонски хомосексуален сајт демне малолетници на Фејсбуко“ која ја пренеле сите овие медиуми, Комисијата не видела дека се стигматизираат хомосексуалците и се создава ирационален страв од овие лица кај јавноста, туку донела одлука дека се работи за слобода на изразувањето. Сличен е примерот и со веста која исто така била пренесена преку најголем број од овие медиуми со наслов: Децата ќе учат за хомосексуалноста, ЛГБТ ќе стане заштитена
заедница, а Ивон Величковски ќе им ги поддржува – правата!“ Комисијата за заштита од дискриминација ја отфрлила претставката затоа што не препознала дискриминација, односно говор на омраза.
Игор Јадровски, кој е еден од авторите на извештајот, рече дека Комисијата за заштита од дискриминација различно постапувала во исти или слични случаи во зависност од политичката афилијација на потенцијалниот дискриминатор. – На пример, Комисијата не утврдуваше вознемирување во случаите на говор на омраза кон ЛГБТИ луѓето во медиуми блиски до тогашната власт, додека утврди дискриминација за слична содржина во мали и локални портали, рече Јадровски.
Како позитивни примери се посочуваат одлуките на Комисјата за дискриминација на лица од ромска етничка припадност на кои им беше забрането да влезат во базенот во скопската населба Аеродром и во базенот во Прилеп.
Комисијата за борба против дискриминацијата досега не повела ниту една судска постапка по службена должноста за заштита од дискриминација. Доколку Комисијата не го следи спроведувањето на препораките, а казните се само симболични, дискриминаторската практика ќе продолжи.
Во подготовка е нов Закон за оваа комисија која треба да стане Агенција и да се избере нов состав.




