Автопатот „Струма“ каде се случи автобуската несреќа на 23 ноември имал маани, извести бугарската министерка за регионален развој, Виолета Комитова. Сепак таа додаде дека тие недостатоци не се причина за несреќата во која загинаа 45 лица.

„Очигледно несреќата не била со голема брзина, но во неа избувнал и пожар. Пожарот е многу чуден настан и веруваме дека тој е главната причина за жртвите. Немаме објаснување како точно изгорел овој автобус“, кажа Комитова.

Според Комитова историјата на овој патен правец започнува во 2002 година, со одобрен технички проект и градежна дозвола, а во 2006 година има дополнителна дозвола за изградба на патни клучки.

-Во 2007 година овој пат е автопат со ограничување на брзината од 90 километри на час. Не е познато зошто во 2013 година брзината била зголемена на 120 км/ч, додава Комитова.

-Она што може да го направи Министерството за регионален развој и јавни работи како краткорочни мерки е да ја замени ознаката и да ја намали максималната брзина на 90 км/ч, заклучи бугарската министерка.