ДИК работи на прочистување на Избирачкиот список. Неосновани и неточни се сите обвинувања за наводно кочење на работата на Државната изборна комисија, се вели во соопштението на Борис Кондарко, претседателот на ДИК како реакција на изјавата на премиерот Никола Груевски.
„Во услови кога мнозинството членови во ДИК го имаат партиите од власта, апсурдно е да се тврди дека претседателот на ДИК има каква било можност да ја кочи работата на овој колективен орган, ниту пак може самиот претседател да донесува одлуки, да го надласува мнозинството или да спречува нивни иницијативи“, се вели во соопштението
„Од лани, во континуитет функционира Работната група за проверка на Избирачкиот список, формирана од Управувачкиот комитет на високо ниво при Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Македонија. Со оваа група претседава членот на ДИК, Бедредин Ибраими, а во нејзината работа учествуваат претставници на министерствата за внатрешни и на надворешни работи, за правда, Државниот завод за статистика, Комисија за заштита на лични податоци, Мост, ОБСЕ, Амбасадата на САД и ДЕУ. Работната група секогаш заседава јавно, пред медиумите“, се вели во писмената реакција на Кондарко.
Според него, за ова ангажирани се и експерти на ОБСЕ-ОДИХР, кои ќе дадат свои анализи и препораки во врска со Избирачкиот список.




