Градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски во име на сите градоначалници на Скопје, упати апел и ги повика граѓаните на Скопје утре, во понеделник, во 20 часот пред Собранието на Република Македонија, масовно и одлучно да се приклучат на големиот митинг, за како што вели, поддршка на стабилна и силна Македонија, организиран од ВМРО ДПМНЕ.
– Собирот во понеделник ќе упати неколку јасни пораки, Македонија е нашата татковина која заслужува стабилност, просперитет и подобра економска иднина. Овој собир ќе даде јасно до знаење дека само преку демократски избори народот одлучува кој ќе биде власт, а кој опозиција во нашата држава. Граѓаните јасно и гласно ќе кажат дека се против насилните демонстрации и црните сценарија за дестабилизација на Македонија, рече Коневски.
Тој ги повика граѓаните на Скопје, Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Бошњаци, Власи и други на мирен собир, на кој сите заедно ќе покажат дека Македонија е премногу важна за некој да се обидувал да и наштети само за да ги оствари тесните партиски и лични интереси.
– Во понеделник во 20 часот пред Собранието на Република Македонија, преку масовна поддршка како никогаш досега, народот одлучно ќе даде до знаење дека не се согласува со деструктивната политика на опозицијата што штети на националните интереси и интересите на граѓаните. Граѓаните сакаат силна, стабилна и просперитетна Македонија и тоа сите заедно ќе го покажеме во понеделник, рече на прес-конференцијата Ивица Коневски.




