Младите треба да бидат во фокусот на носителите на одлуките и на локално и на национално ниво, имајќи ги в предвид нивните потреби и интереси. Свесни за зголеменото заминување на младите во странство и вклучениот аларм дека младината ја бара иднината некаде надвор, време е државата да преземе мерки и акции да го спречи овој негативен тренд, беше заклучено на денешната конференција организирана од Национален младински сојуз на Македонија (НМСМ) „Општините пријател на младите – Mладинското учество во фокус“, што се одржа во Скопје по повод Меѓунардниот ден на младите – 12 Август.
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани на конференцијата денеска посочи дека младите се во фокусот на Програмата за работа на Владата од 2024 до 2028 година, каде што се потенцира нејзината силна посветеност во создавање на општество во кое младите ќе можат да напредуваат.
Според претседателот на НМСМ Филип Ивковски, младите не треба да бидат во фокусот само на Светскиот ден на младите, туку тие треба да се во фокусот на носителите на одлуките на локално и на национално ниво, имајќи ги в предвид нивните потреби и интереси.
-Оваа година НМСМ одлучи фокусот да го постави на младите во локалните заедници, со фокус на она што општините прават поврзано со младите, какви услуги испорачуваат, колку се отворени кон младите, колку комуницираат, колку ги вклучуваат младите во носењето на локалните политики и одлуки. Идејата е дека младите не треба да се во фокусот само по повод Светскиот ден на младите, туку тие треба да се во фокусот на носителите на одлуките на локално и на национално ниво, имајќи ги в предвид нивните потреби и интереси. Тие треба да бидат вклучени во процесот на носење на одлуките од почеток до крај, бидејќи само тие се релевантни по однос на задоволување на нивните потреби и интереси, изјави денеска Ивковски пред конференцијата.
Како што додаде, се повеќе се зголемува трендот на незадоволство на младите во општеството по однос на нивниот животен стандард, а се зголемува и желбата за напуштање на државата.
-Се зголемува бројот на младите кои што сакаат да ја напуштат државата. Дефинитивно потребни се конкретни политики, одлуки и стратегии поврзани и на локално и на национално ниво за колку што е можно порано да се даде одговор на сите овие негативни трендови, за да можеме да го спречиме одливот на млади, да можеме да креираме држава која што ќе се грижи за младите. Улагата на државата е да ги задржи младите тука и да работи во насока на подбрување на нивната состојба и стандардот на живеење, додаде Ивковски.
Конференцијата „Општините пријател на младите – Mладинското учество во фокус“ е организирана во рамките на проектот „Заедници инклузивни за млади“, финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Националниот младински совет на Македонија, во партнерство со Фондацијата за развој на локалната заедница Штип, Платформата за зајакнување на младите од Гостивар и Здружението за одржлив развој СФЕРА Интернешнал Битола




