Извесен е новиот состав на Комисијата за верификација на фактите откако вчера собраниската Комисија за именување ги изгласа старо-новите членови.
Идниот месец уставните судии ќе ја оценуваат уставноста на Законот за лустрација по претставката добиена од Хелсиншкиот комитет и Стамен Филипов. На отворената седница одржана на крајот на ноември минатата година пред Уставниот суд беа разгледани и препораките од Венецијанска комисија.
Покрај прекршување на законските норми, според експертите, целиот процес на лустрација се води спротивно на меѓународните норми со постојано кршење на основните човекови права на лустрираните, што беше констаирано и од страна на Советот на Европа. Одлуки донесени врз база на несигурни досиеја кои се базинари на архиви и сведоштва, како и јавно објавување на имињата на интернет страницата на Комисијата за верификација на фактите. Потоа Управниот суд не донесува пресуди по тужбите на лустрираните. Со месеци се чека Уставниот суд да се произнесе по оспорените законски одредби. Како и тое дека ако санкцијата за лустрираните е да не може да врши јавна функција или да се кандидира за таква, тогаш зошто беа лустрирани 33 починати лица.
Во изминатите пет години Комисијата за верификација на фактите прогласи 124 лица за наредбодавачи и соработници или соработници со поранешните тајни служби. Од нив 106 се поранешни извршители на јавни функции, 11 биле актуелни и седуммина биле кандидати за извршување јавни функции. Триесет и три починати лица се прогласени за „кодоши“.
Токму фактот што акцентот на лустрирање беше ставен не врз актуелни, туку врз поранешни функционери беше причината за давањето оставки од страна на членовите на Комисијата предложени од опозицијата, Благоја Гешоски и Јанаќе Витановски.
Обвинувањата на опозицијата дека лустрацијата се спроведува како политичка хајка, власта ги демантира со фактот дека се лустрирани мал број лица односно само 124.
Процесот на лустрација во изминатите пет години го следеа многу контроверзи, почнувајќи од мандатот на претседателот кој според Законот за лустрација е предвидено да биде ротирачки односно претседателот да се менува на секои шест месеци, преку забелешките на Европската комисија, од каде потенцираа дека процесот на лустрација лошо се спроведува, па се до потенцирарање дека се неуставни одредени одредби од Законот за лустрација нешто што беше нотирано и од Венецијанската комисија.
Забелешките на Венецијанската комисија
Венецијанската комисија изрази забелешки за јавното објавувањето на имињата на лустрираните лица, кои тоа гo дознаваат истовремено со јавноста – тоа објавување треба да биде само кога соработката на лицето е потврдена во правична постапка во кое е вклучено лицето кое се лустрира. Ако потоа Судот докаже дека лицето не соработувало, а неговото име било објавено, последиците за неговиот углед се неповратни.
Венецијанската комисијата заклучи дека „за лустрацијата, која се спроведува повеќе од 20 години по завршувањето на тоталитарното владеење, се потребни неспорни и силни аргументи“. Опфаќањето на толку долг период, дури 60 години наназад, според Комисијата, може да се оправда со крајно тешки злосторства, кои подлежат на кривичниот закон.
Другото прашање е дали може со лустрацијата да биде опфатен период по крајот на тоталитарниот режим. Ако се прифати принципот дека и по крајот на тоталитарниот режим (по 17 ноември 1991 година) е можно да постојат практики на лустрација, според Комисијата, „треба да се докаже дека имало исклучителни настани кои ја оправдуваат неоперативноста на нормалните правни и демократски инструменти и непочитување на човековите права“. Според Комисијата, ова било забележано и од Уставниот суд на Република Македонија.
Венецијанската комисија забележува дека е нејасно објаснувањето во Законот за лустрација кој сe‘ може да биде лустриран. Така, во врска со членот на законот кој се однесува на тоа кои лица треба да бидат подложни на лустрација, од три дефиниции – носител на јавна функција, вршител на јавно овластување и вршител на јавна дејност, Венецијанската комисија оценува дека првите две се јасно дефинирани, но третата – вршител на јавна дејност е премногу општа и дава неточна претстава. Поимот јавна дејност не е дефиниран во Законот и е премногу широк за да биде користен како основа за почнување лустрациски процедури, смета Комисијата.
Нелегитимен претседател
Целиот лустрациски процес се води под диригентска палка на Томе Аџев, чија претседателската функција беше постојано оспорувана. И вчера опозицијата по кој знае кој пат побара одговор зошто наместо ротирачки мандат на шест месеци како што стои според законот, Аџиев имал мандат од речиси три години.
„Вашето неучество и негласањето на предлогот утврден на Комисијата пред две години – со самото тоа вие му го продолживте мандатот на Аџиев“, одговори на прашањето на Горан Сугаревски од СДСМ, претседателот на Комисија за избор и именување, Илија Димовски.
Откако Јанаќе Витановски, предлог на СДСМ, за претседателската функција во Лустраторска ја повлече својата кандидатура единствен предлог за претседател за кој ќе гласаат денеска парламентарците е Томе Аџиев.
Заменик-претседател е Асан Лума, стоматолог од Тетово, а за членови се избрани досегашниот портпарол Предраг Дамјановски, Јовица Велјановски, Ѓорѓи Малковски, Пецко Здравевски, Шпенди Винца, Даут Даути, правничката Цветанка Соколова-Младенова, Ристана Лалчевска поранешен пратеник од Либерална Партија и Марија Милошевска.
Ова значи дека Комисијата има само три нови членови, останатите се од стариот состав. Меѓу новите предлози за членови на Комисијата го нема Чедомир Дамјановски, кој не ја доби потребната поддршка, ниту пак други претставници од најголемата опозицициона партија СДСМ.
Поранешниот член на лустраторската комисија Чедо Дамјановски, кој перманентно го критикуваше начинот на носење одлуки од страна на лустраторите, вели одлуките на Комисијата не само што се незаконски туку и негативно влијаат врз идентитетот и самостојноста на македонскиот народ и држава.




