Сопственикот на компанијата „Сахара Паривар“, контроверзниот бизнисмен Субрата Рој кој во својата земја Индија се гони за проневери, синоќа пристигнал во Скопје.
Повод за посетата на индискиот бизнисмен е Сахара Балканскиот мировен фестивал кој оваа година за прв пат се одржува во Скопје.
Рој пристигнал во Скопје заедно со своето семејство. Тој ќе има свое обраќање на Сахара Балканскиот мировен фестивал кој ќе се одржи на 2. октомври во Скопје.
Мировниот фестивал ќе биде отворен со штафетата на мирот која ќе ја носат македонски јавни личности. Фестивалот официјално ќе биде отворен со полноќен настан на Камен мост.
На фестивалот ќе присуствуваат педесетина светски лидери, меѓу кои ќе бидат поранешни претседатели, премиери, амбасадори, министри, холивудски ѕвезди.
Датумот на одржување на фестивалот е избран како роденден на Махатма Ганди, ден кој Обединетите Нации го прославува како Меѓународен ден против насилството.
Организацијата на фестивалот е спонзорирана од Сахара групацијата а покровител е македонската Влада.
Земјоделското земјиште во атарот на охридското село Љубаништа се пренамени во градежно земјиште, објави оваа недела охридскиот интернет – портал „Охридњуз“. Оваа одлука е донесена од македонската влада и истата веќе е објавена во Службен весник.
Со ваквиот чекор се отвора можноста за изградба на огромниот туристички комплекс на индискиот милијардер Субрата Рој на брегот на Охридското езеро.
Покрај пренамената на земјоделското земјиште во градежни парцели, деновиве стигна и најава од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид дека наскоро ќе започнат археолошките истражувања во близина на селото Љубаништа, за кои се очекува префрлање на финансиски средства од Министерството за култура.



