Потпретседателот на Либералната партија на косовските Срби и заменик министер за култура, млади и спорт во Владата на Косово, Бобан Станковиќ е задржан денеска од страна на српската полиција на преминот Мердаре на границата меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Приштина.
Веста на Фесјбук ја објави премиерот Рамуш Харадинај, нагласувајќи дека „продолжуваат провокациите и неконструктивниот однос на српската држава кон граѓаните на Република Косово“.
Косовскиот премиер тврди дека, според информациите со кои располага, полициските службеници го запреле Станковиќ без никаков повод, по што го предале на припадници на српската Безбедносна информативна агенција (БИА), кои го испитуваат.
– Ги повикуваме српските власти да престанаат со таквата пракса на притисок врз граѓаните Срби, кои сакаат да го градат својот живот во Република Косово. Косово е држава на сите негови граѓани и ние нема да прифатиме на овој начин да се заплашуваат нашите граѓани, порача Харадинај.
Косовскиот вицепремиер, Фатмир Лимај во интервју за белградски Експрес изјави дека е дојдено време Србија да ја признае независноста на Косово.
Лимај вели дека Косово е независна држава, призната од повеќе од 100 држави во светот и од сите држави кои се соседи на Србија. Според него, време е Србија да се помири со реалноста.
„За сите е познато што значи за Косово дијалогот со Србија и која е целта на Косово. Тоа е постигнување на сеопфатен обврзувачки договор за страните, кое би резултирало со заемно признавање, членство на Косово во ООН. Ова е официјалниот став на Косово. Се уште не сме виделе документ или официјален предлог од Белград за тоа како гледа на конечниот договор“, изјави Лимај.
Во однос на воведените такси за српските производи, Лимај рече дека тоа е поради агресивниот однос на Србија кон Косово.




