Вчера во МНТ во Скопје се одржа македонската премиера на документарниот филм „Приказната за Силјан“, кој претходно, откако го обиколи светот на најзначајните фестивали, „слета“ во Македонија овенчан со највисоки признанија и награди.
По проекцијата пред македонската публика, од подиумот на МНТ се обрати режисерката Тамара Котевска.
Не можам да ја опишам возбудата која ја чувствуваме сите тука вечерва. Без разлика каде бев, не постои чувство што ќе ми го замени овој настан, пред домашната публика. Ова е мојата најголема гордост!
Овој филм настана без идеја дека ќе стигне толку далеку и настана за нашата публика. Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ми е мило што го видовте денес сите, што допрва ќе го гледа цела Македонија, бидејќи планираме да има премиери и проекции низ цела Македонија, во секој град, бидејќи сметам дека луѓето од помалите места и те како заслужуваат да го видат овој филм и воопшто да гледаат филмови, а немаат можност.
Луѓето како Никола и неговата фамилија ми даваат смисла на животот и зошто правам приказни за нив. Сметам дека приказните, особено од подлабоките места во Македонија, од поскриените места, ми се особено драги да ги испромовирам и да бидам едноставно дел од сето тоа и дел од тие светови кои што делуваат заборавени, но всушност се суштината на нашата култура и на нашиот свет и некако нè држат сите, ни ги држат корените на сите.
Особено сум горда на оваа екипа која што се бореше од почеток до крај без никакви финансии голем дел од времето. Многу подоцна дојдоа финансии, и вакви луѓе навистина заслужуваат буквално сè.
Сакам да пратам и поздрав до кинематографот Жан Дакар, кој што мораше да лета за Америка, моментално е на Cinema Eye Honors, каде што јас не можам да отидам бидејќи сум тука. И за крај, посакувам некои работи кои што ги видовте во филмот да се сменат засекогаш, но исто така посакувам некои други да не се сменат никогаш, рече Котевска во пригодното обраќање.




