Денешната посета на премиерот Педро Санчез е симбол на, речиси, 30-годишните одлични билатерални односи меѓу двете земји и во оваа прилика би сакал и лично да му се заблагодарам за силната поддршка што ја дава на Шпанија за членство на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ), рече македонскиот премиер Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со неговиот шпански колега која попладнево допатува во еднодневна посета на земјава.

„Со отпочнувањето на преговорите нашиот идентитет, нашата посебност, она што е карактеристично, македонско, наше, ќе остане автентично македонско и во ЕУ од една страна, а ќе го збогати сложениот европски идентитет од друга страна“, изјави Ковачевски.

Ние секојдневно го живееме европското мото, порача Ковачевски, нагласувајќи дека нашето мултикултурно, мултиетничко општество е обединето во различностите и особено гордо на истите.

„Ние сме подготвени за ЕУ и со цврст чекор одиме напред кон полноправно членство во Унијата. Тоа е процес од кој нема да отстапиме, бидејќи нашето место е во ЕУ. Затворивме едно поглавје и отвораме ново, европско, во кое ќе делиме европска иднина со нашите пријатели, како што е Шпанија“, изјави Ковачевски.

Ковачевски, исто така, нагласи дека посетата доаѓа во позитивен про-европски момент за Северна Македонија, кој планираме да го зајакнеме за време на шпанското претседателство со ЕУ.

Посетата на Педро Санчез Перез-Кастехон на нашата држава е дел од неговата турнеја низ земјите од Западен Балкан, што ги вклучува и Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија.

Санчез, по средбата со премиерот Димитар Ковачевски, како што е најавено, ќе се сретне и со претседателот на држават Стево Пендаровски.