Одлуката да тргнеме по европскиот пат ја донесовме не заради членство во ЕУ само по себе, туку заради подобар животен стандард, владеење на право, подобра инфраструктура, подобри услуги, побогата држава, со два збора кажано – подобра иднина, изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина во Гостивар.
Тој додаде дека таа желба за социјална правда и врвна демократија е за да може идните генерации македонски граѓани сонот за подобар живот да го остварат дома, во својата земја, која ќе биде членка на ЕУ, а не надвор во туѓина.

Мора да се направи избор, и јас го направив. Конечно успеавме да го придвижиме нашиот европски пат. Македонски идентитет, заштитен, обезбеден, го издигнавме на ниво на државотворните народи во ЕУ. Македонски јазик, без фусноти и додавки. Тоа го постигнавме и затоа сум горд и сите вие треба да бидете горди на тоа, рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека сепак постои опасност по продолжувањето на европскиот пат на нашата држава, а таа опасност доаѓа од партијата Левица и нејзиниот претседател Димитар Апасиев, кои во заложништво го имаат Христијан Мицкоски и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа што Мицкоски е слаб, без став, без визија. А човек без став, визија и без одлучност лесно може да биде земен во заложништво. Токму тоа се случува во моментов во македонската опозиција. Имаме идеолошко обезличување на ВМРО-ДПМНЕ, дејствување без компас со единствена цел, да и се наштети на земјата. Па гледајте какво јавно признание има од Мицкоски кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ е континуитет на Ванчо Михајлов, изјави Ковачевски.

Тој додаде дека токму поради тоа и расте рејтингот на Левица, а опаѓа на ВМРО-ДПМНЕ и потенцираше дека Апасиев е политички пироман кој може да го загрози правецот на државата со Мицкоски како негов заложник.