„Законот за минимална плата е изгласан. Нашите сограѓани веќе со мартовската плата ќе можат да го зголемат својот домашен буџет за најмалку 45 евра месечно. Честитки. Минималната плата од 18.000 денари ќе придонесе за подигнување на животниот стандард што е наша врвна цел, напиша премиерот Димитар Ковачевски на својот фејсбук-профил.
Тој напомена дека платите сега ќе може да растат без дополнителна интервенција, а ќе се подига квалитетот на живот на граѓаните и во иднина.
Минималната плата од 18.000 денари што ја ветивме, денес е реалност. За многу кратко време, од 4,25 минимални плати кои беа потребни во 2016 година да се покрие потрошувачката кошничка, денес стигнавме до момент кога со 2 минимални плати се покрива целата потрошувачка кошничка. Нам како Влада ни е најважно сега, во услови на криза, секој денар од буџетот ефикасно да го користиме и да го пренасочиме кон граѓаните и стопанството, пишува Ковачевски.
Во таа насока, како што потенцира премиерот, ќе продолжат посветено да работат и на зголемувањето на пензиите.




