Во Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје, вечерва се одржа свечена академија по повод националниот празник на Србите (27 јануари).

На Светосавската академија присуствуваа српскиот министер за надворешни работи, Никола Селаковиќ, претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, претставници на државниот врв, лидери на политички партии, а свое обраќање имаше и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.

„Овој ден е посветен на една од најсветлите и најсветите личности во историјата на српскиот народ – Свети Сава. Свети Сава е втемелувач на самостојната српска православна црква и нејзин прв архиепископ. Тој е просветител, основач на училишта и болници, дипломат, пишувач на првите закони во државата српска. Свети Сава е посредник и помирител меѓу раскараните браќа и народи. Неговите лик и дело инспирираат и осум века по неговата смрт. Затоа кога велиме дека неговото дело инспирира, пред нас ја имаме и нашата определба. Определбата на граѓаните на Република Северна Македонија, да градиме и негуваме општество еднакво за сите. Граѓанско, едно општество за сите, во кое ги афирмираме и воспоставуваме меѓусебната почит меѓу сите етнички заедници во нашата земја. Признавањето на етничките, националните, верските и културните разлики е посебноста и суштината на нашето заедништво. Во тоа наше заедништво што го градиме низ вековите и што го негуваме денеска, свој значаен придонес има и српската заедница во Северна Македонија, истакна меѓудругото Ковачевски.