Ковачевски од првата владина седница: Започнавме со работа

Започнавме со работа, во тек е првата конститутивна седница на новата Влада, објави новиот премиер Димитар Ковачевски на неговиот ФБ профил.

– На дневен ред решенија за енергетската криза, стартот на учебната година и одговор на пандемијата, објави Ковачевски.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска, на прием кај претседателот на државата Стево Пендаровски го претстави новиот владин состав, по изборот од страна на Собранието на Северна Македонија.

Подвлекувајќи дека добивањето на мандат е обврска и чест која ја презеде со голема одговорност, премиерот Ковачевски изрази очекување за добра соработка со Претседателот на државата во интерес на граѓаните и државата.

– Новата Влада има јасна цел – да одговори соодветно на енергетската криза, да обезбеди сигурност, услови за подобар живот и европска и просперитетна иднина за нашите граѓани. За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење што како одлики ги барав од сите министри што прифатија да бидат дел од тимот, кој заеднички ќе се стреми низ независните институции и правично општество да им служи на интересите на граѓаните, изјави премиерот Ковачевски по средбата со Пендаровски.

Посочувајќи ги приоритетите за работа на членовите на Владата, Ковачевски покрај справувањето со енергетската криза, којашто како дел од европската енергетска криза се чувствува и кај нас, како исклучително важни ги спомена и задржувањето и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните, поддршката на компаниите за совладување на економската криза произлезена од енергетската криза, како и исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти одобрени во Буџетот за 2022 година како и во законските решенија одобрени во Собранието во месец декември.