„Штип и македонскиот исток многу добро знаат колку е значајно инвестирањето во патната инфраструктура. Речиси и да нема патна врска која не е обновена во источниот регион благодарение на развојните политики на СДСМ“ изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина во Штип.

Тој додаде дека е довршен автопатот Штип-Кочани,направен експресниот пат Штип-Радовиш вреден 64 милиони евра, патот од Три Круши до Штип, клучната на влезот во градот, транзитниот правец, експресниот пат Штип-Крупиште итн.

„Денеска бев на увид на експресниот пат од Крупиште до Кочани којшто е во завршна фаза. Вредноста на овој проект е 18 милиони евра но е многу значен за целиот овој регион, за истокот.  Еднаш кажав и сега ќе повторам, до крајот на годинава да биде завршен овој пат, да дојдеме повторно и да го пуштиме во употреба. Роковите мора да се почитуваат и јас ќе инсистирам на тоа. СДСМ изгради патишта во должина од околу 1.300 км, додека во време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ, во 10 години, изградени се само околу 650 км патишта низ земјата. Огромна е разликата“ рече Ковачевски.

Премиерот додаде дека Европска Македомнија се гради и поврзува, бидејќи модерната патна инфраструктура е важна и за граѓаните и за компаниите, но и за новите инвеститори.

„Новите инвестиции значат и нови, подобро платени работни места, а за тоа да се случи, инвестициите во инфраструктуарата, квалитетните патишта се еден од предусловите. Овде, во Штип во тек е изградбата на голем капитален проект, целосно финансиран од буџетот, брана на река Отиња. Децениски сон на многу генерации штипјани, 50 години како што спомена таа, полека станува реалност. Веќе 30 проценти од овој проект вреден над 300 милиони денари се завршени и очекувам во предвидениот двегодишен период да се заврши овој капитален проект“ рече Ковачевски.