Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерката за одбран Славјанка Петровска и амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Мери Брнз, денеска го посетија носачот на авиони „Хари С. Труман“, воен брод со капацитет да носи 90 авиони или хеликоптери и носивост од 100.000 тони.Ковачевски изјави дека е особено горд на посетата со која, како што вели, ја демонстрираме поддршката за операциите на американските поморски сили во Европа.

„Со нашето присуство на носачот на авиони „Хари С. Труман“, дел од НАТО флотата на Медитеранот го демонстрираме нашиот и капацитетот на нашите стратешки партнери, одбранбен капацитет, кои се дел од системот на Алијансата. Северна Македонија е дел од комплексниот систем за ефикасни оперативни задачи, насочен кон обезбедување ефикасна колективна одбрана и одржување на безбедноста. Нашата земја, заедно со партнерите, од најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз во светот учествува и ќе продолжи активно да учествува во глобалните процеси за обезбедување мир, слобода и суверенитет. Ние, заедно со НАТО-сојузниците ги јакнеме нашите позиции за справување со сите конвенционални и неконвенционални закани и предизвици за сигурноста, безбедноста и за мирот“, истакна Ковачевски.

Премиерот посочи дека безбедноста на една држава, нејзината стабилност, мирот и стабилноста во регионот е еден од основните услови кои обезбедуваат економски развој, просперитет и квалитетен живот за граѓаните и додаде дека заедно со нашите сојузници од НАТО силно стоиме на позициите дека нашето заедништво е нашата најголема придобивка, гаранција за нашиот територијален интегритет и сигурност и воедно обезбедува перспектива и иднина за граѓаните.

„Тоа го докажавме и со нашето единство и во давањето поддршка, хуманитарна помош и медицински материјали за граѓаните на Украина, кои последните месеци се соочуваат со воената агресија од Русија. Војната во Украина покажа дека нашата одлука за членство во НАТО беше успешна стратешка цел. Денеска, повеќе од видливо е дека со овој наш стратешки влог, вложуваме во долгорочниот развој на нашата земја, ја обезбедуваме иднината на нашите деца, како рамноправен дел од најмоќниот воен сојуз во светот изграден и заснован на највисоките цивилизациски демократски вредности“, истакна Ковачевски.