Речиси два дена во прекин е главниот канал преку којшто се снабдуваат со вода градот Битола, земјоделците во Пелагонија, а вода користи и главниот енергетски комбинат, РЕК Битола, алармира денеска претседателот на ОО СДС Битола и пратеник Васко Ковачевски.

„Она на што опоменувавме и од што стравувавме, за жал стана реалност.

Од февруари, кога се појави свлечиште на главниот стрежевски канал, досега, надлежните од власта на ВМРО ДПМНЕ не презедоа ништо да се санира проблемот.

На овие тропски горештини, од вчера без капка вода останаа земјоделците во битолско, кои изминатиот период го поминуваа со рестрикции и со мал притисок на вода.

Излезени сме на терен со земјоделците кои со право се загрижени за родот и егзистенцијата.

Не се утеха најавите дека ќе се направи обид градот и комбинатот денеска да не останат без вода, бидејќи проблемот со оштетениот водоводен канал е сериозен, што бара време за решавање.

За ваквото неодговорно однесување, Груевски и неговите кадри ќе мора да понесат одговорност.“истакна Ковачевки на денешната прес-конференција.