Границата со Косово од ноќеска на полноќ е повторно отворена и со тоа заврши трговската војна на релација Македонија-Косово, со што се стави крај на блокадата на македонските камиони од Македонија на Косово.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за економија Ваљон Сарачини ноќеска го посетија преминот Блаце со цел да видат дали важи одлуката на Косово за прекин на ембаргото за што добија потврдни информации од македонските царински и полициски служби.
Пешевски потврди дека по прекинот на косовската забрана престанува да важи и македонската мерка за надомест за влез во Република Македонија. Мерките што беа воведени од македонската страна, според Пешевски, по автоматизам се укинуваат по укинувањето од нивна страна на ембаргото.
– Со ова завршуваат немилите процеси кои што беа во изминатите неколку дена помеѓу овие две држави, кои што настанаа како резултат на ембаргото на увоз прво на одредена група македонски производи, а потоа и целосна забрана за македонски производи од страна на Република Косово. Ние воведовме мерки кои што по автоматизам се укинуваат во оној момент кога и косовската Влада ќе ги укине, изјави вицепремиерот Пешевски.




