Британската кралица Елизабета, првпат се огласи за шкотскиот референдум за независност, сугерирајќи им на Шкотланѓаните „да размислат многу внимателно за иднината“.
Кусата порака, сепак, не содржеше ништо што директно би се поврзало за референдумот што ќе се одржи в четврток, ниту пак директна насока како да гласаат Шкотланѓаните.
Внимателно избирајќи зборови, кралицата настојуваше да ја задржа својата политичка неутралност, на што ја обврзува Уставот.
Кралицата Елизабета е длабоко поврзана со Шкотска, каде таа секое лето минува на одмор во дворецот Балморал, со сопругот принцот Филип и со најблиските од семејството.
Последните мерења на расположението на гласачите, направени во текот на викендот покажуваат дека продолжува „мртвата трка“ меѓу унионистите и приврзаниците за отцепување на Шкотска, во која оние кои заговараат останување во Велика Британија имаат мало водство од два до три отсто од гласовите.