Приврзаниците на партијата Обединети за Македонија на Љубе Бошковски, роднини и активисти, денеска на мирен протест пред затворот во Идризово побараат директорот Живко Пејкоски да потпише решение со кое казната затвор на Бошковски би прекинала денеска на полноќ.
Одбраната на Бошковски вели дека согласно законот, Бошковски би требало да биде пуштен од затвор, бидејќи издржал три четвртини од казната, а за време на издржувањето имал добро поведение. Според праксата, вели адвокатот Константин Кратовалиев, Бошковски би можел да биде ослободен утре изутрина, односно 90 дена пред крајот на казната од 5 години затвор, која им следува на сите осудени.
-Гледате и самите има јавен собир што значи ако му биде ускратено правото а тоа да не биде засновано на објективни пречки, а такви објективни пречки ние до сега не сме виделе и не знаеме, бидејќи и судот и воспитачкиот кадар има изразено мислење дека не постои такво нешто, тоа значи дека таа фама или глас сега треба да стигне до јавното обвинителството, до органите на прогонот и да утврдат дали евентуално постои повреда на службените овластувања и положба и злоупотреба на истата, вели Кратовалиев.
Адвокатот вели дека побарал средба со директорот на затворот Живко Пејковски, но откако му рекле да почека за прием, по половина час му било кажано дека Пејковски има итен состанок и не може да го прими. Пејковски денеска е недостапен и за медиумите.
Тој има единствено дискреционо право да ослободи затвореник и за неговата одлука не постои жалба.
Според пресудата петгодишната казна затвор на Бошкоски за незаконско финансирање на изборна кампања му истекува на 6 јуни, но според Законот за извршување на санкциите директорот на установата може да го пушти на слобода три месеци порано.
Бошковски беше уапсен ден по изборите, на 6 јуни пред ресторанот „Воденица“ во Скопје, под сомнение дека незаконски ја финансирал изборната кампања и во три наврати од загрозениот сведок зел 130 илјади евра за незаконско финансирање на кампањата.
Судскиот процес за акцијата „Кампања“ траеше 2 месеца и се одржаа 9 рочишта.
Претходно, Бошкоски помина над три години во притвор во затворот во Шевенинген, по што во 2008 година доби ослободителна пресуда од Хашкиот трибунал.




