Кремљ не исклучува одржување средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, но таа треба да биде темелно подготвена за да даде резултати, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Никој не ја исклучува можноста за средба меѓу Путин и Зеленски. Теоретски, тоа е навистина можно, истакна Песков.
Портпаролот на Кремљ, исто така, посочи дека „прво, делегациите и министрите треба да го направат својот дел, за да се погрижат претседателите да не се состанат само за разговори, туку дека средбата што ќе ја одржат ќе постигне резултати“.
– Ставот на Русија не е тајна, тој беше формулиран и претставен на украинските преговарачи. Ги чекаме нивните појаснувања, додаде Песков.
Кремљ утрово го одржа својот дневен брифинг, на кој беше дискутирано за конфликтот во Украина, објавија светските агенции.
Според Песков, земјата постојано повторувала дека е во опасност, но дека Западот не ѝ дал никакви одговори на нејзината загриженост.