КРИК е единствената емисија која постои во Македонија, а е наменета за младата публика. Зошто е тоа така, и зошто нема повеќе емисии за млади поразговарав со Деница Чадиковска, единствената девојка во тимот на емисијата. Инаку покрај Деница, емисијата е создадена и од Константин Битраков, Давид Илиески, Бруно Велјановски и Трифун Ситниковски. Крик се емитува на ТВ24 и на Фејсбук страницата на емисијата.

Која е причината поради која не постојат телевизиски програми наменети за младите?
-Телевизиските емисии се само една мала нишка од големиот проблем на исклученоста на младите од речиси сите сфери на општеството. Често се потценува и способноста, но и значењето на младите индивидуи. За ова не би ги обвиниле само постарите, туку и самите себеси, бидејќи често се случува да бидеме игнорантни и незаинтересирани. За да има повеќе телевизиски емисии за млади, потребна е младинска иницијатива. Па на крајот на краиштата, мала е веројатноста дека ние како млади би сакале некој од постарите далечни генерации да ги обработува нашите проблеми и интереси – вели Деница Чадиковска.
Чадиковска вели дека додека емисијата била во изработка и се уште не била емитувана првата епизода, тоа што тие го прават не било сериозно сфатено од повозрасните колеги.
– Сега имаме поддршка од голем дел од нашите постари колеги, од една страна поради квалитетот на емисијата, а од друга поради фактот што младите новинари се вистинска реткост во телевизиите, па оние што се одлучиле да влезат во оваа професија треба да бидат соодветно мотивирани и поддржани – вели Чадиковска.
Информациите за гледаноста на Крик се особено интересни, се чини дека публиката била жедна за ваква телевизиска содржина.
– Не би можеле да зборуваме за конкретни бројки бидејќи Крик е емисија што се емитува на повеќе фронта, но кога би зборувале за гледаност на телевизијата, таа е поголема од што очекувавме да биде. Голем број од младите луѓе не гледаат телевизија и не следат на социјалните мрежи, но преку телевизијата откривме дека имаме и постара публика која редовно ја следи емисијата, токму поради тоа што носи свежина и се двои од останатите емисии кои се во етерот – вели Чадиковска.

Како што е познато, младите новинари потешко се пробиваат до изворите на информации, било формални или неформални, но сепак, Чадиковска вели дека луѓето со ентузијазам прифаќаат да бидат дел од нивната емисија.
– Тешко е да се генерализира, но најчесто наидуваме на голема заинтересираност и од страна на помлади, но и на постари гости. Секогаш реагираат позитивно кога ќе кажеме дека станува збор за младинска емисија, бидејќи овие два збора досега не беа употребувани во комбинација и кај оние гости кои не слушнале за емисијата, секогаш будат љубопитност – вели Чадиковска.
*„Проектот е финансиран од Европската Унија преку програмата за мали грантови „Заштита на медиумските слободи и слободата на говор во Западен Балкан“ имплементиран од Здружението на новинари на Хрватска како дел од Регионалната платформа за застапување на медиусмките слободи и безбедност во Западен Балкан во партнерство со шест организации од регионот (Независното здружение на новинари од Србија, Здружението на новинари од БиХ, Хрватсото здружение на на новинари, Здружението на новинари од Македонија и Унијата на медиумите од Црна Гора”.




