Кривичниот суд ќе побара републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески да се изјасни за тоа кое обвинителство треба да ги води оспорените предмети на Специјалното јавно обвинителство и ќе побара автентично толкување од Собранието на членот 22 од законот за Специјалното јавно обвинителство.
Ова е одлучено на вчерашната средба на судиите од Кривичниот суд, по правното мислење на Врховниот суд кој ги оспори истрагите и обвиненијата кои ги покрена СЈО по 30 јуни 2017 година и препорача овие предмети да ги преземе редовното обвинителство.
Според Законот за кривична постапка овластен тужител може да биде само обвинителството или приватен тужител, па Јовески треба да се произнесе кој е овластен тужител, обвинителството за гонење на организиран криминал или Специјалното јавно обвинителство. Според правното мислење на Врховен, СЈО е неовластен тужител.
Од Собранието се бара да даде автентично толкување, бидејќи само законодавецот може да даде такво толкување на законските одредби, додека судските органи се само надлежни да ги применуваат одредбите, а не да ги толкуваат, освен ако има различна примена.
-Од исклучителна важност за Судот е правилна и доследна примена на Законот за кривична постапка кој е од примарно значење во водењето на постапките. Во таа смисла е и барањето до јавниот обвинител во однос на примената на член 17 од ЗКП: Член 17 Начело на акузаторност и официјалност (1) Кривичната постапка се поведува и се води само по барање од овластениот тужител. (2) За дела за кои се гони по службена должност или по предлог на оштетениот овластен тужител е јавниот обвинител, а за дела за кои се гони по приватна тужба овластен тужител е приватниот тужител, стои во соопштението од Кривичниот суд.
„Империја“, „Скопје 2014“, „Талир“, „Поштенска банка“ се истрагите кои СЈО ги покрена во периодот кој Врховен го прогласи за незаконски.
За еден од обвинетите во „Империја“ Орце Камчев утре истекуваат триесетте дена куќен притвор и Кривичен и Апелациски треба да одлучуваат – дали ќе ја почитуваат одлуката на Врховен или не.
Ако двата суда одлучат да им го продолжат притворот на Камчев и на останатите четворица меѓу кои се и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков и сопственикот на „Пелистерка“ Цветан Панделески, тие може да се жалат до Врховниот суд, чие правно мислење е СЈО по истекот на 18е месеци од преземањето на бомбите на 30.12.2015 година, не е овластен тужител за преземање нови предистраги и предистраги.