Кривичниот суд во Скопје денеска по завршувањето на собирот на приврзаниците на владејачката партија пред судот во соопштение истакна дека протестот е демократско право на секој граѓанин.
-Во врска со повеќето прашање на одредени медиуми за денешниот протест пред Основен суд Скопје 1 – Скопје против решението за определувањето на мерка куќен притвор за осомничениот В.Т. кој е опфатен во предметот на СЈО во јавноста познат како „Транспортер“, Судот досега се произнесол дека демократско право на секој граѓанин на Република Македонија е да го изрази своето незадоволство преку јавен протест.
Овој суд и досега ги осудувал насилните протести, јавните настапи како и обидите преку закани кон судии со водење кривични постапки и кривични пријави против истите за нивното искажано мислење во судска одлука што е неприкосновано уставно и со закон загарантирано право на судиите своето мислење да го искажат во својата одлука, се вели во соопштението на Судот.
На денешниот протест во знак на поддршка на битолскиот градоначалник Талески кој доби куќен притвор од 30 дена, Александар Пандов од Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) се закани дека народот ќе влезе во судовите ако судиите не судат праведно.
Пандов изјави дека судовите станале како Казабланка и оти странски претставници им вршат притисок на судиите да судат против претставници на власта.
„Сега, како претставници на ГДОМ, ќе однесеме декларација со којашто им даваме поддршка на судиите и сакаме оттука да им порачаме дека овој пат ќе влеземе само неколку луѓе коишто ќе ја достават таа декларација. Треба да им биде јасно дека во идно време, многу пати повеќе од овие луѓе што сме собрани сега, ќе дојдеме и нема само неколку луѓе да влеземе во судот, туку сите луѓе ќе ги поканиме и да влеземе во судот, исто зашто ова е наш, македонски суд, да ни објаснат зошто под притисок и зошто носат некои одлуки, зошто прават подеднакво равенство меѓу докажани криминалци и луѓе кои немаат ама баш ништо криминално направено во животот“, рече Пандов.




