Здружението на албанската култура во Македонија поднесе кривична пријава „против непознат сторител за бесправна градба на споменикот на Цар Душан“.
Поставувањето на споменикот е дело кое предизвикува национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, како и дека се повредени одредбите од Законот за меморијални споменици и спомен обележја, стои во пријавата.
Ермира Мехмети-Деваја од ДУИ вчера изјави дека појавувањето нивни високи функционери во петокот вечерта, на мостот на Цивилизации кога беше оштетен споменикот на Цар Душан, било со цел ги спуштат страстите и да придонесат да не се дестабилизира уште повеќе целокупната ситуација.
„Целата контроверзност околу поставувањето на овој проблематичен споменик на мостот на Цивилизациите започна во моментот кога никој, партии сите општествени чинители не добија информација ниту кој е нарачателот, ниту кој е извршителот, ниту пак кој е поставувачот на таквата фигура на мостот.
– Сето она што се случи во петокот е последица која произлезе како резултат на таквиот арбитрарен чин на поставување. Јас не сакам да се занимаваме со последиците сакам да се занимаваме со причините“, рече Мехмети.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека чинот на оштетување на споменикот, поставен на Мостот на цивилизациите, е вандализам и смета дека сите што учествувале во овој вандалски чин треба да сносат своја одговорност. Институциите треба да постапат согласно законот што го дефинира ова прашање, побара владеачката партија.
– Наметнувањето на дебата околу процедурата на поставувањето не смее да биде алиби и оправдување за било какво насилство или вандализам и да затскрие нечие неодговорно и нецивилизирано однесување на Мостот на цивилизациите.
– Споредбата со други случаи низ светот е дегутантна, а на таквото тврдење сигурни сме дека не веруваат ниту тие што го кажуваат, соопшти вчера ВМРО – ДПМНЕ.




