СВР- Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство поднело кривична пријава против четири лица од Скопје под сомневање дека на 14 овој месец нешто после полноќ на улицата „Кемал Сејфула“, во близина на бензинската пумпа на „Макпетрол“, неколку полицајци биле нападнати и навредувани од страна на група насилници.
Полициските службеници кои во моментот биле на должност биле престретнати од автомобил марка „форд фиеста“ во кој имало четири непознати лица. Тие веднаш почнале да ги навредуваат полицајците, а потоа две од лицата физички нападнале еден од полицајците.
При извршен преглед во возилот пронајден е и пиштол.
Полицискиот службеник кој бил нападнат е однесен во Градската болница во Скопје, каде му се констатирани потрес на мозок и телесни повреди по телото и главата и по укажаната помош е пуштен на домашно лекување.
Инаку насилниците се познати сторители на криминал проследени со насилство, имотни деликти и измами за што им се поднесени 135 кривични пријави, а надлежен суд им изрекол вкупно 23 казни затвор од кои четири се за сторени кривични дела – “напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и “Спречување службено лице во вршење службено дејствие“.