Има многу пропусти и многу грешки, не е само една. Ние во новата истрага опфативме се. Ги анализиравме сите детали и секоја можна активност. Грешката не е само кај една групација на луѓе без оглед кои биле и од каде биле. Тоа биле збир на повеќе грешки.
Ова за МИА ги изјави Омер Кулиќ, претседател на комисијата која врши нова истрага за авинската несреќа во која загина прeтседателот Борис Трајковски.
Очекувањата на Кулиќ се дека конечниот извештај на комисијата ќе биде готов до крајот на годинава.
– Ќе се потрудиме, извештајот да биде готов до крајот на годинава. Меѓутоа, ако малку задоцниме ве молам тоа да не се земе за зло. Апсолутно се е разрешено во врска со самиот лет и несреќата. Ќе завршиме се, нема да остане ниту едно отворено прашање, вели Кулиќ за МИА.
Комисијата има повеќе информации, но, посочува, сега се врши селектирање на собраните податоци.
– Целата екипа работи на таа анализа и ќе видиме што ќе се земе предвид, а што не, наведува Кулиќ, кој зедно со 15-члената комисија неделава се во Мостар каде што ги анализираат добиените информации, со цел да ги откријат разликите со првиот извештај за падот на „Кингерот“.
Информира дека веќе се контактирани и земени се изјави од жителите на селото Ротимље.
– Има малку недоразбирања, бидејќи тоа се случи многу одамна, некои од нив и не се живи. Ние веќе имаме битни работи кои укажуваат дека имало информации, изјави Кулиќ.
Комисијата генерално се фокусирала на две работи кои не биле изработени во првиот извештај. Тоа се местото и улогата на воздухопловните власти на БиХ и на Македонија.
– Тоа беше многу битно за да ги утврдиме предусловите за ова што се случи, нагласува Кулиќ, додавајќи дека до крајот на оваа недела ќе се фокусираат на се што е битно за самата операција. Направени се доста снимања, извршени се многу летови при што неколку работи јасно се докажани, а некои се исклучени.
Во текот на декември, најави Кулиќ, комисијата во целосен состав ќе пристигне во Скопје и ќе ја информира јавноста.




