фото:Исмет Шаиновски, таткото на осудениот

Дваесет и едно годишниот Бирсан Сејфула од Куманово доби казна затвор од 13 години поради учество во групен напад врз тројца имигранти од Авганистан на кои им се украдени 100 евра.

Настанот се случил во март годинава, кога Авганистанците се обидувале нелегално да ја преминат границата, близу спортскиот аеродром Аџитепе во Куманово. Бирсан, заедно со својот малолетен брат и уште двајца други се посочени како виновни врз основа на тоа што имигрантите ги препознале по лик.

Покрај 21-годишниот Кумановец кој е во притвор и неговиот помлад брат доби алтернативна мерка „засилен надѕор од родител“, а по останатите двајца полицијата сè уште трага.

Таткото на Бирсан , денеска за медиумите пред Основниот суд во Куманово изјави дека против неговиот син е донесена пресуда како да е убиец.

-Син ми ќе лежи 13 години затвор како да убил човек. Оваа одлука е греота и срамота за македонското судство. Ова е клевета. Во тој момент син ми бил во спортска сала,имаше еден сведок, но не му го прифатија, јас не знам како може да му судат така. Сега состојбата му е лоша, тој има епилепсија, но никој не го прашува. Сакам да кажам дека ние не запираме, ќе се жалиме на Апелационен Суд, изјави Исмет Шаиновски, таткото на Бирсан Сејфула.

Според адвокатот Марјан Витановски кој го води случајот на Бирсан, ваквата пресуда, иако не е писмено објавена, претставува преседан за судството. Тој за НОВА изјави дека на Бирсан му било понудено да ја признае вината и со тоа казната да му биде намалена за 3 години.

– На мојот клиент му понудија да ја признае вината и наместо 13 да лежи 10 години, за што се разбира тој не прифати бидејќи е невин. Има многу правни неразјаснети моменти, кои што ќе се обелоденат во јавноста по објавување на жалбата до Апелационен суд, а тоа ќе го сториме веднаш наредна недела. Нека се запрашаат надлежните како е можно имигрантите слободно да шетаат, нели треба да бидат во Прифатен центар и како може на нив да им се верува, а не и на Бирсан, вели Витановски.

Сејфула моментално се наоѓа во притвор во Шутка. Неговиот случај го следи и Хелсиншкиот Комитет кои при посетата велат дека притворениот го затекнале во лошо здравствена состојба.

-Го затекнавме младиот Бирсан во лоша здравствена состојба, и веднаш поднесовме барање тој да биде прегледан од специјалист. Јас сум сигурна дека ваков сличен случај Куманово не памети одамна. Ако му се даде таа казна, тоа значи дека уште еден млад живот згаснува. Хелсиншкиот комитет ја дава максималната поддршка и правна помош за Бирсан Сејфула и се надевам дека жалбата која ќе биде поднесена до Апелациониот суд сериозно ќе се разгледа, вели за НОВА, Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот Комитет.

Семејството Шаиновски посочи дека доколку не се донесе „разумна пресуда“ за нивниот син, тие заедно со Ромската заедница ќе организираат масовен протест пред Основниот Суд во Куманово.