Координаторката на советничката група во Скопје и Претседател на ГО СДСМ Скопје Софија Куновска, денеска го повика градоначалникот Коце Трајановски да одговори на, како што вели, скандалозната зделка за Дрисла на Град Скопје.
Нејзиното обраќање ви го пренесуваме во целост:
-Колку ќе ги чини скопјани скандалозната зделка на Град Скопје за депонијата „Дрисла“ со италијанскиот конзорциум „ФЦЛ Амбиенте“, тешка 74 милиони евра?
Одлуката на Вишиот управен суд што Вие ја криете излезе во јавноста. И овој суд пресудил во корист на германската фирма тужител. Оваа фирма обелодени дека Град Скопје, скандалозно, бизнисот со Дрисла го дал на италијанска фирма, формирана непосредно пред објавувањето на тендерот.
Советничката група на СДСМ бара од Вас да и одговорите на јавноста:
Тоа ли го криевте со Вашиот молк господине Трајановски? Одговорноста за сомнителниот бизнис, што ви го пресретна германската фирма која реши да тужи?
Можеби знаете колкав ќе биде финансискиот удар по градскиот Буџет? Дали од парите на граѓаните, освен високите судски трошоци што сега ќе треба да ги плати Град Скопје, ќе одат и илјадници евра за оштетно побарување од второрангираната фирма?
Тоа ли е коректното и домаќинско работење што го научивте од лекциите по Етика на Вашиот шеф Груевски? За тоа ли Ве плаќаат граѓаните? Тие кои го полнат градскиот Буџет преку даноците и високите казни? За да го празнат партиско – тендерските зделки на ВМРО-ДПМНЕ, чии апетити немаат граници?
Инсистираме на одговорност од Трајановски за фамозниот случај „Дрисла“ и на објаснување што понатаму ќе се следува. Дали работата ќе и биде дадена на второпласираната фирма или ќе се трошат нови пари на граѓаните, за нов избор, на нова фирма концесионер? -изјави координаторката Софија Куновска.




