„Со влегувањето во сила на новиот Закон за градба, денес Коце Трајановски ја превзема палката за упростување на Градот“, рече Софија Куновска, координатор на советничка група во Совет на Град Скопје.
Таа истакна дека со усвојување на идејни решенија за 15 нови барокни фасади продолжува бруталната шега со нашиот град, со центарот на Скопје, иако Центар јасно рече „НЕ“ на барокот на последните избори.
– Ќе излезе ли конечно некој, Груевски чиј проект е барокно Скопје или Трајановски спроведувач на истиот, да им објаснат на граѓаните:
– За што ги трошите нивните пари?
– За поединци да спечалат провизии или со наши пари да си купите порција квази вечност?, праша Куновска.
Ги повикувам сите граѓани на Скопје да најдат начин и да помогнат да застанеме наспроти оние кои го претвораат Скопје во место за потсмев.
Ова не е обврска и долг само на 14 од 45те советници од опозицијата во Совет на Град Скопје, ова е долг и обврска на секој оној кој навистина го сака своето Скопје, нашето Скопје.
На овие зборови на Куновска, соопштение испрати ВМРО-ДПМНЕ во кое се вели: “Ги повикуваме граѓаните на Општина Центар да фатат ред кај градоначалникот Андреј Жерновски за нови папагал фасади. Покрај папагал фасадата, дознаваме дека во СДСМ се развива и опција за трошење на парите на граѓаните за фасади со мотив на фазан и паун, а во план се и жирафа и крокодил. Според Куновска и Жерновски, како и партиското здружение на архитекти на СДСМ таков треба да е новиот лик на Скопје, кој можеби за возрасните ќе биде смешен, ама на некои ќе им биде интересен и можеби позабавен од золошка градина”, велат во владеачката партија.




