Градоначалникот Коце Трајановски, во последната прилика кога можеше да дискутира за загадувањето во Скопје, ја избегна таа можност. Ја избегнува која било прилика да дискутира за загадувањето на воздухот во Скопје. Поканата за одржување вонредна седница, беше избегната од страна на градоначалникот и затоа одлучивме, оваа седница на советнички прашања, да биде тематска и да биде врзана исклучиво и само со прашања, што се однесуваат на загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје, вели Софија Јуновска, координаторка на советниците на СДСМ во град Скопје.
Според Куновска, досегашните мерки се недоволни, а ангажманот на градоначалникот несоодветен.
За советничката група на СДСМ и Сојузот за иднината, ова прашање и натаму останува прашање од врвен приоритет, бидејќи е доведено до ниво на елементарна непогода.
„Иако денеска, за жал, не можеме да понудиме заклучоци од оваа седница, бараме градоначалникот да одговори:
-Дали има намера да воспостави вонреден режим на сообраќајот во Скопје, каде што централното градско подрачје комплетно би било исклучено за моторните возила и за тешките товарни возила, освен за јавниот градски превоз?
-Дали градоначалникот Трајановски има намера итно да ја стопира градежната активност на подрачјето на централниот дел од Скопје?
-Дали има намера како прв и најодговорен да го свика Координативното тело, како негов раководител и Кризниот штаб, коишто ќе предложат други соодветни мерки?
-Дали има намера да воведе итна забрана за проширување на урбанилистичката линија на Водно, а и низа други мерки што постои можност да бидат преземени?
Несоодветно е Коце Трајановски да се потпира само на апели. Бараме во пракса да профункционираат и досега споменуваните мерки, а тоа е забрана за движење на тешки товарни возила“, изјави Софија Куновска.




