Прашањето за името не треба да биде пречка за евроинтеграцијата на Македонија и Австрија се надева дека за време на грчкото претседавање со ЕУ ќе бидат остранети блокадите за почеток на пристапните преговори, изјавил шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц по вчерашните средби во Брисел со еврокомесарот за проширување Штфан Филе и високиот претставник на Унијата за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон, пренесува МИА.
Виена, како што истакнал Курц, очекува спорот за името да биде решен и Атина веќе да не ја попречува интеграцијата на Македонија во ЕУ.
Австриските медиуми пренесуваат дека тој многу јасно го изнел ставот во врска со грчката блокада на македонскиот пат кон ЕУ, оценувајќи дека мора да биде во интерес на Владата на Грција да постигне успех за време на своето претседавање со ЕУ и дека се надева на решение за прашањето на Македонија.
Според Курц, јавна тајна е дека имиџот на Грција во ЕУ не е секаде најдобар.
Филе, пак, побарал од Австрија помош „бидејќи ја гледа Австрија како силен партнер во однос на прашањето за проширување на Унијата кон Западен Балкан“.




