Министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, повика Македонија и Грција да се угледаат на договорот меѓу Србија и Косово оти, според него, тоа било потешко да се псотигне, отколку наоѓање решение за наметнатото прашање за името, објавува МИА.
– Ние поддржуваме се што доаѓа од регионот, тука имаме внатрешен договор и да не заборавиме дека проширувањето е политички процес базиран на технички бенчмаркови, т.е. политичко-технички баланс. Да, постои брза и спора линија и во 2013 година, а Србија и Албанија одлучија од спора да преминат на брза линија, за што треба само политичка волја и ништо повеќе. Ментално префрлување. Но, други две земји, пак, се заглавени, а тоа се Македонија и Босна и Херцеговина. Тие треба да учат од храброста на српските политичари. Ако Белград и Приштина можеа да се договорат, тогаш босанскиот проблем со Сејдич-Финци и прашањето за името не е толку тешко и неможно да се реши, истакна Лајчак.
Според словачкиот шеф на дипломатијата, постојат два елемента за успешен процес на проширување: допирлива евро-перспектива, која треба да ја дозволат земјите-членки и кредибилен напор на кандидатите. Правилата, вели, се јасни, а и ЕУ ги научила лекциите и триковите од минатото, па затоа владеењето на правото, судството и економското управување се важни прашања во процесот на пристапување.
– Но, нема плачење за тешкотиите на проширувањето и забуни од процесот. Од друга страна, нашите партнери на Балканот се се повеќе посветени и национализмот и етнофобијата е заменета со разбирање и поддршка на европските вредности и подготвеност за компромис. Следната година ќе имаме ЕУ-избори и ќе биде соочена со внатрешни работи, што не е причина нешто да се чека, нема фундаментални одлуки кои треба да се донесат, додаде Лајчак.
Европратеничката Дорис Пак побара од сите во Европската унија да престанат да го именуваат регионот како Западен Балкан, туку како регион на Југоисточна Европа. Во однос на брзите и спори линии во пристпаувањето кон Унијата, таа посочи дека се зависи од земјите-кандидати, кои ако работат добро, побрзо ќе пристапуваат.
– Некогаш ако е споро, зависи од проблемите со кои земјите од овој регион се соочуваат, а за што не се виновни, како што е случајот со Македонија. Се додека името е пречка, Македонија е заглавена во евроинтегративниот процес. И затоа треба да се повика Европскиот совет да најде начин како да излеземе од оваа ситуација, оти лани имаше добра препорака, но потоа Советот не ја испочитува и не одреди почеток на преговорите со решавање на името во рана фаза од пристапните преговори, посочи Дорис Пак.
Според поранешната претседателка на Пактот за стабилност, следната година ќе има избори за Европскиот парламент, а процесот за проширување се зема како алатка за игра, за реформи кај другите кои според неа ги немаат некои земји-членки на ЕУ.
– Бараме од нив некогаш повеќе, премногу, се правиме поголеми католици од Папата и треба да сме внимателни. Ние креираме проблеми, како на пример Советот со прифаќањето на членството на Бугарија и Романија, иако и двете земји не направија тоа што требаше. Им дадоа датум во јануари 2007 и станаа членки, Хрватска исто така оваа година, додаде Пак.
Во рамки на првата фаза од конференцијата, говореа и претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, како и Оливје Базил од “Репортери без граници”. Мијатовиќ истакна дека ситуацијата со слободата на медиумите на Балканот не е розова, за што ги обвини политичарите кои според неа, ставаат рака врз медиумите. Мијатовиќ ги издвои и Србија и Албанија, каде се уште има убиства и физички напади на новинари, како земји кои според неа “се движат во позитивна насока” во однос на медиумската ситуација.
Базил, пак, додаде дека во однос на медиумите, на Западен Балкан нема спора или брза линија, туку воопшто нема линија за што е виновна економската ситуација, објавува МИА.




