Не сакам да давам никакви предвидувања, но сакам да нагласам дека верувам оти може да се постигне заемно прифатливо решение за прашањето за името доколку двете страни се потрудат. Верувам дека е можен компромис и достигнување простор во кој што двете страни удобно ќе се чувствуваат.
Вака одговори денеска грчкиот амбасадор Харис Лалакос, на новинарско прашање дали е оптимист дека ќе се реши прашањето за името со оглед на тоа што идната година Грција го презема претседавањето со Европската унија, пренесува МИА.
– Канцеларите за врски во нашите две земји не се директно вклучени во процесот на одлучување по однос на прашањето за името. Можам да го повторам веќе познатиот став на Грција за прашањето за името. За предлогот кој го кажавте, портпаролот на грчкото МНР демантираше односно припишувањето на претседателот на Република Грција во однос на поддршка на споменатиот предлог од некои медиуми е непоткрепено со докази и е неаргументирано, рече Лалакос по денешното доделување сертификати за завршен напреден степен на грчки јазик на вработени во МО и во АРМ, а по барање на новианрите да го коментира предлогот „Славјанско-албанска Македонија“, кој како што објавија некои албанските медиуми вчера добил поддршка и од грачкиот претседател Папуљас.
Во обраќањето на свеченото доделување на сертификатите амбасадорот Лалакос говорејќи за билатералната соработка меѓу двете МО, посочи оти Грција нема никакви територијални аспирации кон ниту еден од соседите, а тоа, подвлече, го докажува со дела.




