ЛДП ќе покрене иницијатива за укинување на Законот за забрана за чување куче што лае и ги вознемирува соседите. Овој закон пред неколку години е донесен од Град Скопје, а Општина Центар го усогласи во четвртокот.
Во телата на ЛДП иницијативата е покрената од поранешниот потпретседател на партијата Емил Кирјас, поддржана од сегашниот вице-претседател Нано Ружин а која се очекува да ја спроведат советниците на ЛДП во Центар и град Скопје, изјавуваат за НОВА од ЛДП.
Либерал-демократите во Скопје ги предводи екс-министерот Зоран Шапуриќ.
Иницијативата ќе вклучи:
1. Остварување на средби со граѓански организации кои се занимаваат со правата на животните
2. Остварување на средби со организации за заштита на граѓански права и слободи
3. Јавна дебата/трибина на темата во општина Центар и град Скопје во однос на дефинирање на нов текст/амандман на постоечката одлука
4. Поднесување на предлог-измена на постоечката одлука која ќе ја отстрани сегашната регулатива.
Имено, обврската да се обезбеди согласност од соседите за чување домашно милениче во станбен објект или во дворот на зградата, забраната за чување куче што лае и ги вознемирува соседите, сопствениците да ги чуваат домашните миленици така што тие нема да го вознемируваат спокојството на станарите, како и милениците да се регистрирани во надлежна ветеринарна институција и да се редовно вакцинирани е одамна донесена мерка и одамна се применува или треба да се применува на територијата на Град Скопје.
„Одлуката на Советот на Општина Центар, изгласана во четвртокот, значи усогласување со Законот за Град Скопје, Законот за комунални дејности и Законот за локална самоуправа. Станува збор за правно усогласување“, појаснуваат од Општина Центар.
Во одредбите е предвидено, шетање на кучињата само со корпа на устата и подводник, изметот кој ќе го направат на јавна површина, сопственикот е должен да го собере во кеса и да го остави во корпи наменети за таа цел.




